Thursday, Mar 28, 2024
HomeГОВОРНИЦАИнтервјуИнтервју со Зоран Бојаровски: Без реформи во медиумите ќе продолжи политичката оргија

Интервју со Зоран Бојаровски: Без реформи во медиумите ќе продолжи политичката оргија

Тектонски промени во медиумите нема да се случат преку ноќ, без оглед што партиите макотрпно преговараа под превезот на подобрување на новинарството и професионалните стандарди. Неинформирана јавност не може да носи правилни одлуки и да се стреми кон креирање функционално демократско општество каде носителите на јавни функции ќе чуствуваат одговорност, а центрите на моќ ќе внимаваат на своето поведени.

За очекувањата од „Пржино“ во делот на медиумските реформи, како и за свеста која новинарите ја имаат за својата професија разговаравме со Зоран Бојаровски, долгогодишен новинар вклучен во различни проекти за подобрување на начинот на кој се известува, за неотпорноста на пропаганди и медиумска димна завеса која е дигната веќе десетина години.

pozitiv.mk: Дали Пржинскиот процес на преговори ги донесе очекуваните реформи во областа на медиумите. Правилното информирање и чување на јавниот интерес се клучни особено во период на избори, но и општо за формирање на критична мисла. Што недостасува кај медиумите за да се подобри оваа состојба?

З.Б: Ниту во една фаза во „пржинските преговарачки процеси“ медиумските реформи не беа сеопфатно и темелно разгледувани. Дури постоеше и опасност овие реформи, како дел од препораките на експертите предводени од Рајнхард Прибе, воопшто да не бидат земени во предвид. Ако се сеќавате, така завршија преговорите под медијаторството на Ван Хауте. Двете главни македонски политички партии во тој последен дел од таа фаза влегоа со екстремно различни ставови кои никако не можеа да се спојат. Сметам дека тоа беше намерно така изиграно со надеж дека политичката пресуда за иднината на Македонија ќе заврши тука – без реформи во медиумите.

Тоа требаше да ја остави македонската јавност во тотален медиумски мрак и хаос за да може да продолжи политичката оргија која веќе одамна ги разнебити сите клучни ткива на здравото функционално општество.
Во меѓувреме, во јули, се постигна договор за креирање на две франкенштајнски решенија – Ад хок комисијата и доделувањето на местото главен и одговорен уредник на Информативната програма на МТВ на опозицијата. Тие решенија се само продолжение на политичката оргија, а не реформи.

002

pozitiv.mk: Меѓу новинарите како и во општеството постои голема поделеност, застапување на различни страни. Какви реформи се потребни, особено што тие се оставени за по изборите и не беа пресуден дел од Пржино 2 договорот?

З.Б: Токму таа политичка екстремна поделеност и доминатна и пресудна неодговорност за втемелување на стабилни, самостојни институции, отпорни на партиските вируси и на заводливата споулавена оргија на политичките фактори, е главната причина за ваквата состојба. На владеачката политичка коалиција тоа апсолутно и одговара. Затоа беа сите здушни отпори за реформи во судството, јавната администрација, во делот на независните контролни механизми и, се разбира, во медиумите. Во политичките оргии никој не сака да биде мониториран и контролиран. Инаку каква би била таа оргија.

pozitiv.mk: Што мислите како ќе профункционира јавниот сервис со нов уредник предложен од опозицијата. Дали е тоа доволно за да се постигне одреден баланс и правично известување пред изборите?

З.Б: Единственото што може да произлезе како резултат од преземањето на позицијата Главен и одговорен уредник на Информативната програма на МТВ, е избалансираната минутажа во однос на застапеноста на сите засегнати страни во процесот на изборите и почитување на правилата што ги донесоа политичките партии.

Тоа не е единствениот фактор на јавниот интерес и интересот на граѓаните. Тоа е само привремена магла која, кога ќе се крене, повторно ќе се прикаже драматичната слика за окупираните и поделени медиуми.

mediumi sloboda

pozitiv.mk: Колку договорените реформи меѓу кои и ад-хок телото ќе дадат позитивни промени во медиумската сфера со оглед на досегашното искуство?

З.Б: Истото ќе биде резултат и од работата на Ад Хок телото во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (ААВМУ). Агенцијата има извонредна стручна служба, и наместо да ја департизираа агенцијата во делот на протоколот за избор на членови на Советот и наместо да изберат стручен, неутрално позициниоран експерт за директор, политичките партии инсталираа сопствена експозитура во агенцијата. Мене ми е многу жал за еден, двајца колеги во тоа тело. Ја ценам нивната одважност да прифатат една ваква сизифовска работа, но тоа повторно ќе се сведе на броење минути и на тегавење меѓу членовите на тоа тело.

pozitiv.mk: Меѓу новинарите, здруженијата и организациите се води дебата дали е потребна државна регулација врз медиумите или пак еден вид на саморегулација. Според вашето искуство во повеќе медиуми кој концепт е потребен за да се подобрат професионалните стандарди?

З.Б: Како прво, политичките партии треба да ги тргнат рацете од МРТ и од АВМУ и тие да си ја вратат својата позиција на неутралност и да го спроведуваат принципот на заштита на јавниот интерес што им е зададен и со закон.

Комерцијалните телевизии се изгубена приказна. Тие ќе си ја „тераат“ својата уредувачка политика главно од лукративни мотиви. Колку во таа битка по профит ќе успеат да го застапуваат јавниот интерес е прашање. Единствено што може да се направи со нив е да се контролира говорот на омраза, како и да се спроведува законот кој од нив бара одреден процент од програмата да биде од посебен интерес. Таа приказна завршува тука.

Саморегулацијата е идеална состојба и за неа треба да има атмосфера. Последниве години е наравено доста на тој план, но тоа е само почеток во кој главната битка и енергија се троши на укажување на темелните принципи на етика и професионалност. Кога имате таква состојба, јасно ви е за што станува збор.

pozitiv.mk: Вашата работа во Сервисот за проверка на факти е еден вид на оценување на професионалноста и коректноста на новинарските производи од самата фела. Колку овој проект придонесе за подобрување на начинот на известување пред се кај новинарите?

З.Б: Сервисот за проверка на фактите од медиумите е само едно од добрите искуства и практики кои укажуваат на тоа што можат да напрват граѓаните преку свое организирано делување. Искуствата се исклучително позитивни. На почетокот јас лични имав разнолични искуствa – од одобрување до сериозни закани. И денеска не е многу променето, но она што ме радува е дека во се’ поголем број колегите што ги препознаваат добрите страни на овој проект, ги прифаќаат и сугестиите за подобро новинарство. Особено кај помладите колеги. Останува еден дел кој овој проект не може да го направи: Останува на самите колеги да создадат свој, личен, одбрамбен штит од вирусите што им ги всадуваат уредниците на некои од медиумите. Тој штит е дел од нивната лична борба за новинарски интегритет. Кој сака интегритет, ќе најде начин да се заштити, кој не сака, може да и се придружи на политичката оргија. Но, тоа веќе не е новинарство.

Автор: Христијан Станоевиќ