Saturday, Apr 20, 2024
HomeГОВОРНИЦАИнтервјуИнтервју: Нема промени на цените на ЈСП со електронските билети, туку бенефиции

Интервју: Нема промени на цените на ЈСП со електронските билети, туку бенефиции

Хартиените билети за градскиот превоз со возилата ЈСП се целосно повлечени од продажба и корисниците ќе мора да ги активираат новите електронски картички или пак да купат билет од возачот. Исто така воведена е и можност за плаќање на билет со мобилен телефон преку испраќање на порака. За сите нови функции и можни нејаснотии кај граѓаните како ќе се одвива возењето во автобусите на ЈСП со електронските билети разговаравме со Костадин Тасевски  Советник за Односи со јавност и меѓународна соработка во ЈСП.

jsp avtobusi

Pozitiv.mk: Хартиените билети речиси целосно се повлечени од продажба, освен во самите автобуси на ЈСП. На кој начин граѓаните ќе може да ги надополнуваат електронските картички?

К.Т: Електронските картички можат да се надополнуваат во сите продажни места на ЈСП СКОПЈЕ и на продажните места каде што има ознака на „СКОПСКА“. Станува збор за вкупно 80 продажни места, на различни локации низ Градот.

Pozitiv.mk: Со оглед дека секој мора да ја валидира картичката при влез во автобусот дали планирате поставување на валидатори и на другите влезови во возилото?

К.Т: Влезот во автобусите е исклучиво на предна врата и со тоа протокот на патници во возилото е забрзано. Но, во иднина, доколку мислиме дека има потреба за поставување на валидатори и на другите врати, секако дека тоа и ќе го направиме.

Pozitiv.mk: На кој начин може да се активираат дневните и времените билети кои се новитет со електронскиот систем за наплата?

К.Т: Се притиска левото копче со број 1 за временски билет од 90 минути, односно десното со број 2 за дневен билет

Pozitiv.mk: Цените се речиси непроменети за билетот од 10 возења и месечните карти. Дали планирате промена на цените во блиска иднина со нивно зголемување или намалување?

К.Т: Цените на билетите за јавниот превоз ги определува Советот на Град Скопје. Во овој момент нема најава за промена на тарифниот модел.

Pozitiv.mk: Имаше критики за ограничување на билетот за 10 возење кој важи две недели од првото валидирање. Дали оваа политика ќе се промени?

К.Т: Билетот за 10 возења е со повластена цена, бидејќи цената на едно возење е 35 денари, а едно возење со овој билет чини 25 денари, што автоматски значи дека овој билет е со попуст и е најисплатлив за лицата кои редовно користат јавен превоз.

Pozitiv.mk: Системот неколку месеци пробно беше активен и веќе се очекува целосна примена. Кога може да очекуваме унифицирање на билетите и електронската наплата со приватните превозници?

К.Т: Приватните превозници требаше да се вклучан кон системот, почнувајќи од 1 септември. Меѓутоа заради поплавите кои го зафатија Скопје и значителниот број на оштетени возила на овие превозници, како последица од невремето, на нивно барање и со одобрување од страна на Советот на Град Скопје, унифицирањето се одложи за 1 јануари 2017 година.

Автор: Христијан Станоевиќ