Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИнституциите ќе застанат зад организациите кои помагаат на маргинализирани групи

Институциите ќе застанат зад организациите кои помагаат на маргинализирани групи

Ромите, сексуалните работници, луѓето кои користат дрога и други членови на маргинализираните заедници речиси секојдневно се соочуваат со тешкотии обидувајќи се да ги остварат своите права од областа на правото, здравството, социјалната заштита и сл. Во недостиг од официјални статистички податоци за овој тип прашања, граѓанските организации преку сопствени истражувања обезбедуваат значајна база податоци кои им се од голема корист на институциите. Ова беше истакнато на дводневната меѓународна конференција за правно зајакнување „Правните потреби на маргинализираните заедници во Македонија“ што вчера и завчера се одржуваше во Скопје во организација на Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ).

Konferencija 5

Правници, домашни и странски експерти, претставници на меѓународните граѓански организации и на невладиниот сектор, во рамки на конференцијата дискутираа за проблемите со кои се соочуваат членовите на маргинализираните заедници во институционалното остварување на нивните права, особено за нивниот пристап до правдата. Учесниците на конференцијата предложија идеи и решенија за спроведување на политиките за маргинализираните заедници.

Извршната директорка на ФООМ, Фани Каранфилова – Пановска на отворањето на конференцијата истакна дека во недостиг на официјални статистички податоци за оваа проблематика, граѓанските организации со своите истражувања даваат значаен придонес во креирањето идни политики.

– Една од целите на оваа конференција е да потенцираме дека натамошниот процес во изготвувањето политики, особено во фокусот на маргинализираните заедници, многу е важно да се базира на податоци и факти. Истовремено, се обидуваме да дадеме идеи за начините со кои одредени политики и решенија може да обезбедат еднаквост за сите – рече Каранфилова – Пановска.

Според министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, пристапот до правда е проблем за сите граѓани, не само за маргинализираните заедници. На конференцијата Царовска истакна дека здравствените, социјалните, образовните услуги сѐ уште функционираат по некој застарен модел и многу тешко се препознаваат новите форми на поддршка.

– Ние како министерство тесно соработуваме со граѓанските организации кои имаат полесен пристап до граѓаните кои се најисклучени. Тоа е на едно отворено владино партнерство, затоа што без комуникација и без партнерско вклучување на граѓанските организации кои што директно работат и живеат со овие групи, невозможно е да сметаме дека системот има капацитет може да биде достапен за сите во исто време. Но, граѓанинот може преку медијација и преку каналите кои се веќе воспоставени да ги остварува правата загарантирани со закон – рече Царовска.

На неколкуте панели на конференцијата, домашни и странски експерти, како и претставници на различни граѓански здруженија дискутираа за неопходноста од истражувања за правните потреби на граѓаните, особено на маргинализираните заедници, како и за политиките и бенефитите од овие истражувања. Конференцијата се заокружи со промовирање на модели на правна помош во Македонија од страна на повеќе правници од земјава.