Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаИнспиративен разговор со Молеровиќ: Имаме огромна предност, целиот свет ни е потенцијален пазар преку интернетот

Инспиративен разговор со Молеровиќ: Имаме огромна предност, целиот свет ни е потенцијален пазар преку интернетот

nenad molerovic

Дигиталниот маркетинг прерасна во една од клучните алатки за поврзување на бизнисите со корисниците во пикот на пандемијата и актуелната состојба се чини дека дополнително ја разви оваа гранка која бележи подем во земјава, а со тоа и простор за ангажирање на нови кадри и специјализирани агенции. Рекламирањето и таргетирањето преку социјалните мрежи сѐ повеќе ќе се базира на паметни алгоритми но, и натаму од голема важност ќе биде индивидувалниот квалитет на маркетерот.

Бумот на оваа индустрија се гледа и преку се поголемиот број на приватни академии кои образуваат нови кадри за дигитален маркетинг, како и врвни македонски компании со клиенти од Силициумската долина од САД. За состојбите во македонскиот дигитален маркетинг, како и за глобалните трендови кои мора да ги следи секој модерен бизнис разговараме со Ненад Молеровиќ, основач на LeanSEM кој секогаш делува инспиративно за напредокот на индустријата и потребните вештини со кои треба да располага еден професионалец.

Дигиталниот маркетинг е во подем и особено се покажа како важна алатка во екот на карантинот, но и со сегашните услови на пандемија. Какви се сега состојбите со дигиталниот маркетинг во Македонија, колку се следат новите трендови?

Молеровиќ: Новото „нормално“ подразбира и нови трендови. Секако дека има поголема потреба за дигитален маркетинг но, и значително зголемена потреба за нови технологии во секој сектор и во секој процес. Тој тренд ќе продолжи да се развива во сите индустрии.

Еден пример е како почна пандемијата, имаме супер прогрес во доставување на продукти до дома. Таа индустрија се роди и порасна за кратко време. Веќе имате неколку компании кои прават феноменална работа на ова поле. Таа нагла промена роди нови навики кај многу луѓе за кратко време, и тоа е прогресот!

Најинтересно е што ќе има и нови индустрии кои денес не постојат. Јас верувам дека сме на самиот почеток од целата информатичка револуција што ни се случува веќе некое време и дека супер иновациите се токму пред нас. Мислам дека е тешко да замислиме каков би бил животот за 20 години. Како и да е, од многу аспекти ова е значаен и пресвртен момент во историјата на човештвото.

Се повеќе се развиваат алгоритмите за пласирање на платени реклами на социјалните медиуми и се оди на процеси на автоматизација. Каква ќе биде улогата на дигиталните маркетари во една 5G и IoT ера?nenad molerovic

Молеровиќ: Ќе биде многу поедноставно да го таргетираш твојот корисник. Креативните проблеми се тие што ќе добијат повеќе фокус, а во маркетингот, тоа така треба и да биде. Работата на секој маркетер е да предизвика промени во начинот на однесување на крајниот корисник. Тоа значи подобри начини за комуникација со крајниот корисник за вредноста што ја нудиме. Тоа не може да го реши компјутер, затоа што е потребно критичко размислување.

Молеровиќ: Ако прашувате дали маркетерите ќе бидат заменети со машини, директен одговор е не. Тие алгоритми маркетерот сѐ уште треба да ги храни со добра дата. Треба да ги разбира, коригира но, и да им дава нови цели во зависност од бизнис целите. Сепак, тоа треба човек да го управува.

Но, ќе треба значително помалку „физичка“ работа да се постигне целта. Овој факт мислам дека веќе има импликации за некои дигитални маркетери. Не е доволно да ги познаваш само платформите и техничкиот аспект од работата. Ќе мора да бидеш подобар маркетер што знае да направи вистински раст на компанијата. Ти си тој што треба да мисли, тоа сѐ уште компјутер не може да го направи.

Потребна ли е нова стратегија во формалното образование за примена на новите стандарди во дигиталниот маркетинг и колку државните институции, факултети може да го одржат чекорот во создавање на нови квалитетни кадри кои очигледно во оваа област се сѐ повеќе барани?

Молеровиќ: Не сум експерт за образование, така што не знам што поточно треба да се смени. Генерално, мислам дека образованието во целиот свет треба да има поинаков фокус. Треба да градиме одговорни индивидуи кои се способни критички да размислуваат, но и кои превземаат акции за подобар свет за сите нас. Ни требаат луѓе кои знаат да препознаат проблеми, но имаат и желба и способност да ги решат.

Маркетинг не се учи на факултет. Информациите што ги учиш на факултет не се подобри од тие што ќе ги најдеш онлајн за 10 долари. Маркетинг се учи преку работа и од вистинските луѓе кои знаат што прават. Ти требаат ментори кои се практичари, не теоретичари. 

Ако не можете да најдете вистински ментори, еве предлог:

Земете 10% од парите што би ги инвестирале во факултет и инвестирајте ги во дигитална кампања. За една недела ќе научите многу работи, за кои не сум сигурен дека ќе ги научиш на факултет ни за 4 години. Теоријата е важна, но само доколку може да ја испробате во реалноста. Само преку многу акција и ќе успеете да си го најдете местото.

Токму таа празнина засега успешно ја пополнува приватниот сектор, новите академии кои нудат курсеви за дигитален маркетинг, но и самите компании кои вложуваат во развој на сопствени кадри. Како ги оценувате кадрите кои излегуваат од приватните провајдери?

Молеровиќ: Повторно ќе кажам, не мислам дека било која едукативна институција (приватна или државна) има примарно влијание врз квалитетот на маркетерот. До човекот е! 🙂 Од самиот маркетер зависи колку сака да напредува. Ги има сите информации што му требаат да стане добар и онлајн.

LeanSEM има свој Masterclass фокусиран на Google Ads и е 100% бесплатен. Предуслов е да имаш вистинска пасија за маркетинг и да сакаш од тоа да направиш успешна кариера. Ние не заработуваме од овој курс, и целта ни е да го пренесеме нашето знаење на оние кои навистина сакаат да научат. Дел од нив можеби ќе се наши идни колеги, но исто така сметаме дека е наша одговорност како успешна компанија да помогнеме на заедницата на дигитални маркетери. За луѓето кои ние ги бараме, навистина не е важно какво образование имале до сега, она што нас ни е важно е да тие луѓе покажат интерес, пасија, критичко размислување и секако да се пронаоѓаат во нашите корпоративни вредности.

Постои ли и натаму отпор кај македонските компании за инвестирање во дигитален маркетинг како средство за зголемување на продажбата и ширење на бизнисот?

Молеровиќ: LeanSEM работи 100% со интернационални клиенти, така што немам доволно информации за стратегиите и проблемите на домашните компании од маркетинг аспект.

Како компаниите се однесуваат кон дигиталниот маркетинг зависи и од целокупниот пазар и каде е насочено вниманието на крајните потрошувачи. Кај нас луѓето не го користат интернетот како луѓето во САД, така што нормално е и маркетингот да не е толку развиен. Како што се развиваат потребите на потрошувачите, така ќе се менуваат и македонските компании и нивниот однос кон маркетингот.

Работејќи со клиенти од САД и светски компании сметате ли дека има елементи кои може да се применат и кај нас, со оглед на ограниченоста на македонскиот пазар, примањата и вкупната економија, може ли тој „стартап“ менталитет да биде компонента за развој не само во ИКТ индустријата туку и посеопфатно во економијата?

Молеровиќ: Точно така. Менталитет е во прашање. Зависи од нас самите. Дали кога ќе наидеш на проблем бараш начин да го решиш или си несреќен што проблемот постои. Претприемач е човек кој пред сѐ, се обидува да реши одреден проблем за корисниците и секако профитот следи како резултат од истото.

Пазарот е секако мал и тоа е пречка за брз развој на домашните компании кои оперираат локално. Но, не треба да се ограничуваме само на македонскиот пазар. Имаме огромна предност што преку интернетот, целиот свет ни е потенцијален пазар. Веќе е едноставно од Македонија да стартуваш нешто глобално.

Да завршам со паметна мисла на крај, акција, акција и повеќе акција е сѐ што му треба на секој човек да успее во што и да е неговата дефиниција за успех.