Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИницијативата „Пет до дванаесет“ повторно со шатори ќе протестираат пред Собранието

Иницијативата „Пет до дванаесет“ повторно со шатори ќе протестираат пред Собранието

Лицата со посебни потреби и нивните семејства од денеска во 22 јули четврти пат ќе ги постават своите шатори во паркот Жена – борец, спроти Собранието.

Граѓанската иницијатива „Пет до дванаесет“ ги повикува сите лица со попреченост, хендикеп или посебни потреби, заедно со нивните родители и семејства, да ја поддржат иницијативата и да учествуваат во процесот за изедначување на нивните права.

„Со Вашето присуство на настанот, сите заедно ќе покажеме колку нè има и ќе докажеме дека не отстапуваме од нашите ставови, сè до конечно исполнување на нашите барања“, велат од иницијатавата.

Од „Пет до дванаесет“ ги повикуваат одговорните во Собранието и новата Влада, да ја дадат поддршката за изедначување на правата на лицата со попреченост, хендикеп или посебни потреби.

Лицата со попреченост и минатиот месец со шатори кампуваа во паркот спроти Собранието и се сретнаа со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која по состанокот изјави дека системот за заштита на оваа група граѓани затаил во изминатиот период.

– Се договоривме граѓанските здруженија да бидат членови на работната група во Министерството, која ќе работи на сите законски измени и процеси во делот на социјална заштита за лицата со попреченост– изјави Царовска, која им ветила дека дневните центри ќе бидат зајакнати со квалитетен кадар и дека програмата ќе биде усогласена во согласност со потребите.

Граѓанските здруженија бараат отворање дневни центри, подобри услови во училиштата и во клиниките, како и формирање специјална институција што ќе ги брани интересите на лицата со посебни потреби.