Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИницијатива за партиски реформи во ВМРО-ДПМНЕ

Иницијатива за партиски реформи во ВМРО-ДПМНЕ

Неколку членови на ВМРО-ДПМНЕ бараат итни партиски реформи, поради не успехот на партијата да остане на власт. Тие велат дека целта на оваа иницијатива е демократизирање на партијата и нејзино враќање во рацете на членството. Еден од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Михајловски, рече дека последниве години донесени се многу одлуки без согласност од неколку илјади членови на партијата, кои што бараат промени.

„Треба да се направат измени во статутот за кој се залагаме, гарантираме еднаквост и недискриминирање на сите членови на партијата без оглед на нивната национална или верска припадност, почитувајќи ја работата на искусните активисти, кои учествувале во изградбата на партијата. Органите на партијата имаат одредени обврски да ги спроведуваат политиките на членството, нешто што недостасуваше сите овие години, што ја доведе партијата од улога на победник, во улога на губитник“, изјави Александар Михајловски, член на ВМРО-ДПМНЕ.

Членовите на партијата кои се побунија против сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, велат дека нивната идеја ја поддржуваат многу членови. Михајловски рече дека за оваа иницијатива знаат сите претставници на Централниот одбор, дури и самиот лидер Никола Груевски.

„Причините за незадоволството на оваа мала група се чисто лукративни, а не демократски. Затоа, повикот за „реформи“ не дојде ни после победите во 2006, 2008, 2011 или 2014 година, туку токму сега кога дел од нив се соочуваат со веројатна промена од работните позиции на кои се наоѓаат и прекин на месечниот паушал кој го примаат, поради промената на власта во Македонија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Александар Михајловски, кој денеска зборуваше пред новинарите, е член на ВМРО-ДПМНЕ уште од 1996 година. Бил член на Правната комисија и на комисијата за политики надвор од партијата, член на Централниот и Извршниот одбор. Петар Богоевски е член од 1995 година, како претседател и основач на општинскиот комитет во Крушево, а раководел и со неколку партиски органи. Костадин Богданов веќе шест години е владин претставник во Европскиот суд за човекови права во Стразбур и бил претседател на општинскиот комитет на Центар.