Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАСветИлјадници демонстранти побараа оставка од премиерот на Исланд поради панамските сметки

Илјадници демонстранти побараа оставка од премиерот на Исланд поради панамските сметки

Неколку илјади демонстранти се собраа синоќа пред зградата на Парламентот во Рејкјавик, со барања за оставка на премиерот Сигмундур Гунлаугсон. Протестите беа организирани откако неговото име се најде меѓу политичките лидери од светот во „Панамските документи“, каде се тврди дека имал сметка во земји означени како „даночни раеви“.

Според откритијата од тајните документи на панамската адвокатска фирма „Мосак Фонсека„ исландскиот премиер и неговата сопруга депонирале еден милион долари во фирма на Британските Девствени Острови. Премиерот Гунлаугсон се брани дека не сторил ништо незаконски и најави дека нема намера да се повлече од функцијата.

„Јас сум предаден и длабоко сум разочаран од ваквите обвинувања„ изјави исландскиот премиер за локалната телевизија ТВ2.

Опозицијата побара расправа во Парлментот и гласање за доверба на Владата, по како што велат, скандалозната постапка на премиерот. Според опозициските лидери, со својата постапка премиерот ја „осрамотил државата и го повредил нејзниниот углед“ во Европа и во светот, а покажал и недоверба кон домашната валута и исландските банки.

Повеќе од 20 илјади потписи се собрани досега со барање на Исланѓаните за оставка на Гунлаугсон. Собраните демонстранти во центарот на Рејкјавик носеа исландски знамиња и транспаренти на кои бараа од премиерот да ја „каже вистината“ и да се „збогува со политиката“.

Исландскиот јавен сервис РУВ јави дека претседателот на оваа островска земја во северниот Атлантик, Олафур Рагнар Гримсон го прекинал својот престој во САД и се вратил во Исланд, објаснувајќи го тоа со политичката криза во земјата.

Премиерот Гунлаугсон се наоѓа на функцијата од 2013 година.