HomeДЕНЕШНАРегионИлјадници тела на мигранти лежат неидентификувани во Грција

Илјадници тела на мигранти лежат неидентификувани во Грција

Во Грција има повеќе од 1.000 неидентификувани тела на бегалци и мигранти, кои пристигнале во земјата во изминатите години, покажуваат податоците што ги презентираа грчката полиција, крајбрежната стража и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) на еднодневна конференција во Атина.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, настанот, кој се одржа вчера, беше насловен „Добри практики за идентификација на неидентификувани останки, со акцент на управување со податоци”, а го организираа грчката полиција и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).

Недостигот на сеопфатна база на податоци за починати лица, големиот пролив на бегалци што значително ги оптовари форензичките служби во земјата и ограничените човечки ресурси и логистичка опрема, ја отежнале идентификацијата на починатите, постапка што е важна и од правни и од хуманитарни причини.

Според податоците презентирани од страна на претставникот на крајбрежната стража Власиос Кариотис, во текот на првите осум месеци од 2016 година, крајбрежната стража пронашла 142 починати бегалци и мигранти во 51 спасувачка операција, а во уште два инциденти имало 27 исчезнати лица.

Во 2015 година, крајбрежната стража извадила 272 тела од морето во 77 спасувачки операции, а регистрирани се вкупно 152 исчезнати лица во 21 инцидент. Севкупно, крајбрежната стража спасила 103.372 бегалци и мигранти во 2015 година и 54.315 во првите осум месеци од годинава.

Грчката канцеларија на МКЦК соопшти дека има 817 активни барања за потрага по бегалци и мигранти кои датираат од крајот на 2014 година, и кои одговараат на околу 900 лица.

Грчката полиција соопшти дека во моментов во својата база на податоци за ДНК има повеќе од 650 генетски типови на остатоци кои не се идентификувани. Во исто време, повеќе од 150 роднини на исчезнати лица се во потрага по членови на своите семејства.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com