Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаИ Fiat вмешан во скандал со мамење на тестовите

И Fiat вмешан во скандал со мамење на тестовите

И Фиат вмешан во скандал? Цените на акциите на „Fiat Chrysler“ остро паднаа вчера на миланската берза, по медиумските написи дека би можело да биде забранета продажбата на возилата на оваа италијанска компанија во Германија, поради сомневањата дека мамела на тестовите за емисија на штетните гасови.

Во еден момент од понеделничкото тргување цената на акцијата на FCA падна за 5 отсто, за до крајот на тргувањето загубата сепак да биде ублажена. Во неделата германското списание Bild am Sonntag објави дека германскиот сообраќаен регулатор KBA, по скандалот со мамењето од страна на „Volkswagen“ на тестовите за емисија на штетните гласови, тестирал низа возила на различни производители и во некои од моделите на „Fiat“ открил софтвер кој ја исклучува технологијата за контрола на емисијата на гасовите по 22 минути, две минути по завршувањето на стандардните еколошки тестови.

Весникот наведува дека регулаторите за своите сознанија ги известиле Европската комисија и италијанските регулаторни власти, како и дека извори од германското министерство за сообраќај порачале дека во најлошото можно сценарио за „Fiat“ би можело да биде забраната за продажба на возила во Германија, доколку продолжи со непочитувањето на прописите за емисија на штетните гасови.

Портпаролот на FCA во понеделникот во соопштение порача дека сите возила произведени од компанијата се во согласност со постојните правила во врска со споменатите емисии. Иако ова претставува силен удар за италијанскиот производител, аналитичарите сметаат дека сепак нема да дојде до најлошото сценарио за него.

Без оглед на крајниот исход од наодите, малку е веројатно, сметаат аналитичарите од швајцарската банка UBS, дека на FCA потполно ќе му биде забранета продажбата на возила во Германија, имајќи предвид дека на германски „Volkswagen“ му е дозволено и натаму да продава автомобили, дири и откако се докажа дека мамел на тестирањата за емисијата на штетни гасови.