Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионХрватска избегна политичка криза, Јандроковиќ е нов спикер

Хрватска избегна политичка криза, Јандроковиќ е нов спикер

Хрватска успеа да избегне нова и можеби уште подлабока политичка криза со тоа што го одбегна сценариото за превремени парламентарни избори. Со мнозинство гласови, по повеќечасовна бурна расправа и меѓусебни обвинување, хрватскиот Сабор го избра Гордан Јандроковиќ од Хрватската демократска заедница (ХДЗ) за нов претседател на Саборот. Тој на оваа функција ќе го замени лидерот на Мост Божо Петров, кој вчера беше разрешен.

Во првото обраќање пред пратениците, Јандроковиќ порача дека Хрватска се наоѓа пред нови предизвици во значително изменети меѓународни и безбедносни околности.

– Политичката стабилност, стабилноста на институциите и економскиот развој, се главни цели на Хрватска, наведе Јандроковиќ, повикувајќи ги пратениците да се соединат за тие цели.

Тој ги повика народните избраници и на одговорност и меѓусебно почитување, толеранција и избегнување на навредливи говори.

Јандроковиќ оцени дека со неговото избирање за претседател на Саборот се создале услови за континуитет и политичка стабилност.

– Очекувам дека веднаш по завршувањето на локалните избори премиерот ќе му предложи на Саборот нови министри. Со тоа ќе се создадат услови за продолжување на работата од програмата на Владата, наведе Јандроковиќ.