Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионХрватска херметички ќе ја затвори границата ако Србија не го ограничи испраќањето бегалци

Хрватска херметички ќе ја затвори границата ако Србија не го ограничи испраќањето бегалци

Хрватска нагласи дека кризата во односите со Белград ќе заврши само под услов ако Србија го ограничи испраќањето бегалци во Хрватска. Во спротивно, потврдиле изворите од хрватска влада, „навистина сме подготвени херметички да ја затвориме целата граница“.

Ова е првпат претставници на владата на Република Хрватска, макар и неофицијално, да ја спомнат можноста за целосно затворање на границата, јавува Јутарњи лист. Хрватскиот министер за одбрана, Анте Котромановиќ, вчера ги повикал српските власти на соработка, за прифаќањето на бегалците да се изведе што похумано, пренесува хрватски Н1.

„Продолжете да го правите тоа организирано како што го правите, но во договор со нас, па испраќајте ги луѓето таму каде што е најхумано. Видовте дека деновиве имаше жестока реторика. Мораме сите да сопреме малку. Разговарав со едно семејство од Сирија и тие морале да платат по сто евра за да стигнат тука. Како министер за одбрана, велам дека знаеме дека бегалците на хрватската граница доаѓаат организирано“, кажа министерот Катромановиќ.

Покрај Србија, тој на соработка ја повикал и Унгарија, потсетувајќи дека бегалците се проблем на цела Европа.
„Да бидеме сериозни и да го направиме ова најлесно за овие луѓе“, порача тој. Според извештаите на хрватската полиција, во земјата од 16 септември влегле околу 65.000 емигранти.