Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАСветХоландија: Уапсени двајца осомничени за поврзаност со нападите во Париз и Брисел

Холандија: Уапсени двајца осомничени за поврзаност со нападите во Париз и Брисел

Холандската полиција вчера уапси две лица за кои постои сомнеж дека се поврзани со нападите во Париз, лани во ноември и во Брисел, во март годинава, јави ДПА. Како што соопшти Јавното обвинителство од холандскиот град Ротердам, двете лица се уапсени затоа што отпечатоци од нивните прсти се откриени на торба со муниција пронајдена во домот на еден од соучесниците во нападите, Французинот Анис Б.

Двајцата уапсени, на возраст од 30 и 32 години, се осомничени дека ја обезбедиле муницијата за извршување на двата терористички напади. Анис Б. беше уапсен по претресот на неговиот стан во Ротердам во март годинава, по што подоцна Холандија им го предаде на француските власти, кои го сомничат за вмешаност во ноемвриските напади во Париз, при кои загинаа 149 лица. Тој исто така е осомничен и за вмешаност во нападите на аеродромот и една метро станица во Брисел на 22 март годинава, кога загинаа над 30 лица.