Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАСветХилари Клинтон се спаси од прогонот на ФБИ

Хилари Клинтон се спаси од прогонот на ФБИ

Американското Федерално биро за истраги (FBI) ќе му предложи на државното обвинителство да не подигнува обвинување против Хилари Клонтон по едногодишната истрага за користење на приватната електронска пошта за државни работи во времето кога била државна секретарка што е спротивно законите за безбедност, изјави вчера директорот на Бирото, Џејмс Коми.

Истрагата покажала дека тогашната државна секретарка Хилари Клинтон „извонредно непретпазливо“ ја користела електронската пошта и дека најмалку 110 електронски пораки содржеле доверливи податоци, изјави директорот на FBI Џејмс Коми.

Меѓутоа, FBI заклучил дека „ниеден разумен обвинител“ не би подигнал обвинение против Клинтон, најверојатната кандидатка на Демократската партија на ноемвриските претседателски избори во САД. „Иако конечната одлука ја носи државното обвинителство, нашиот став во овој случај е дека нема основа за подигнување обвинение“, изјави Корнеј на прес-конференција во Вашингтон.

Поранешната прва дама, Хилари Родам Клинтон во саботата околу три и пол часа беше испрашувана во американската сојузна полиција на ФБИ во рамките на истрагата за користењето на нејзината приватна електронска пошта за службена комуникација во времето кога ја извршуваше должноста државна секретарка.
hilari klinton email fbi istraga
Оваа афера беше малку потисната во втор план изминатиот период сé додека не се откри дека минатите денови, американската главна државна обвинителка, Лорета Линч, која ја именуваше актуелниот демократски претседател, Барак Обама, неодамна во авион имала тајна средба со поранешниот претседател Бил Клинтон, сопругот на претседателската кандидатка, Хилари.

Републиканците побараа оставка и од обвинителката Линч, а нивниот претседателски кандидат, Доналд Трамп изјави дека состанокот во Феникс ќе останел таен, доколку за него не дознаел локален новинар.

Лорета Линч изјави во петокот дека ќе ги прифати препораките на директорот на Сојузната полиција (FBI) за тоа дали треба да се повлече од истрагата против најверојатната претседателска кандидатка на Демократската партија, Хилари Клинтон.

Правосудните органи сакаат да ја завршат прелиминарната истрага пред почетокот на партиските конвенции на републиканците и демократите кои започнуваат на 18-ти односно 25-ти јули, така што доколку против Хилари Клинтон биде покренато обвинение, Демократската партија да може да предложи друг кандидат за претседателските избори.

FBI истражуваше дали Клинтон го прекршила законот кога службената комуникацијата во времето додека беше државна секретарка во периодот од 2009 до 2013 година ја вршела од својот приватен сервер во нејзиниот дом во Њујорк и од приватната електронска адреса со што доверливите документи станале можен лесен плен за хакери, а не од службената на американското министерство за надворешни работи.

Американската сојузна полиција Федералното биро за истраги (FBI) ја истражува Хилари Клинтон дали го прекршила законот кога за деловната комуникација во периодот од 2009 до 2013 година додека беше државна секретарка, ја вршела од својот приватен сервер во домот во Њујорк и од приватната електронска пошта, а не од службената како што наложуваат законите. Истрагата со месеци фрла сенка на нејзината кампања за претседателските избори кои ќе се одржат на 8-ми ноември.
hilari klinton email skandal
Во полемиката којашто ја загрозува Клинтон, Стејт департментот на својата интернет страница ланскиот септември објави бројни електронски пораки (4.368 мејлови или околу 7.000 страници) кои ги испраќала, примала или ги проследувала од приватната електронска адреса и приватниот сервер додека ја водеше американската дипломатија.

Стејт депарментот по налог на американското правосудство од пролетта 2015 година, ги проверува, сортира и објавува во фази, секој месец, стотици и илјадници од повеќето од 30.000 службени електронски пораки на поранешната шефица на американската дипломатија.

Министерството призна дека шеесетина пораки морале дополнително да бидат вброени меѓу „доверливите“, што е најниското ниво според строгите стандарди и прописи кои важат за внатрешната и надворешната комуникација и размена на информации на американската администрација. Од околу 7.000 страници објавени пред половина година има речиси 250 страници, или стотина дополнителни пораки, кои се дополнително „подигнати на повисоко ниво на доверливост“.

Клинтон во нејзиниот мандат на државна секретарка, примила и проследила 62.320 електронски пораки од својата приватна електронска адреса (clintonemail.com), а не од владината (state.gov), како што наложуваат прописите и како што тоа го правеле нејзините советници.

Американското министерство за надворешни работи првпат кон крајот на јануари годинава призна дека најмалку 22 електронски пораки испратени од приватната електронска адреса на Клинтон, ги содржеле некои од најчувствителните државни податоци, како што претходно веќе тврдеа американските безбедносни служби.

Во новиот пакет од електронската кореспонденција на Хилари Клинтон, објавен врз основа на наредба на сојузниот американски суд, изоставени се 22 електронски пораки поради тоа што податоците во нив се категоризирани како оние со највисоко ниво на тајност.

Макфакс