Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаХидробиолошки завод: Сродна риба на пираната плива во Дојранско Езеро

Хидробиолошки завод: Сродна риба на пираната плива во Дојранско Езеро

Џабе се крева толкава прашина околу наводно пронајдените „пирани“ во Дојранско Езеро. Се работи за риба-сродник, личи и потсетува на пирана, но не е пирана. Се храни со растителни материи, инсекти и рипчиња, вели за МКД.мк Зоран Спирковски, раководител на Одделението за практично рибарство и аквакултура во Хидробиолошкиот завод Охрид.

Според Спирковски, се работи за амазонски паку – тоа е црвеномешеста риба.

Во однос на тоа како вакви риби се нашле во Дојранско Езеро, претпоставката на Спирковски е дека е човечки фактор, особено што, вели тој, се работи за риба што се користи за аквариумски цели.

„Луѓето ги чуваат во аквариуми. Нема простор за страв, бидејќи рибите се топловодни. Тоа значи дека ќе угинат кога ќе дојде зимската сезона“, вели Спирковски.

Дел од медиумите вчера објавија дека повеќе рибари што ловат во Дојранско Езеро биле каснати од непозната риба, за која биле уверени дека е пирана, опасна риба што живее во јужноамериканските реки.