Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаХаос во Труд и социјала: Заменик министерот контра Министерката

Хаос во Труд и социјала: Заменик министерот контра Министерката

По безмалку една недела од назначувањето на Фросина Ременски за Министер за труд и социјална политика, веќе започнуваат превирањата помеѓу двете најголеми политички партии во ова Министерство.

Како што информираат дел од вработените, заменик министерот за труд и социјала, Диме Спасов, деновиве испратил известување до сите вработени во кое ги информира дека нивно право и должност е да не постапуваат по известувањето кое им го пратила новата министерка Фросина Ременски.

„Ве информирам дека известувањето кое е испратено на 15 ноември 2015 година во 12 часот од страна на Наташа Методиева од кабинетот на техничкиот министер за труд и социјална политика Фросина Ременски, а во кое незаконски ви се укажува Вашите одговори на барања на граѓани да ги упатувате на одобрување кај лицето Мила Царовска, лице кое не е вработено во Министерството за труд и социјална политика, нема никаква правна сила и имате право и должност да не постапувате по него.
Исто така наведеното известување нема законски основ и форма и претставува прекршување на поголем број на законски одредби. Известувањето претставува груб обид за партизација на институциите и прекршување на правата и слободите на граѓаните, нешто што нема да го дозволам.

Постапувањето по тоа известување може да повлече законска одговорност.

Ве охрабрувам Вашите работни задачи, како и досега, да ги извршувате стручно и професионално, и да продолжите да работите во интерес на граѓаните, за што имате видливи резултати кои никој не може да Ви ги оспори“, се наведува во известувањето потпишано од Спасов.

Во изминативе неколку дена одредени медиуми излегоа со натписи дека Министерката Ременски испратила електронска пошта до вработените со која ги повикува сите одговори, кои треба да се испратат на прашањата доставени до граѓаните, пред да бидат одговорени да бидат проследени и одобрени од незјиниот кабинет. Дали партиските препукувања во ова министерство ќе бидат сериозен удар врз работата на вработените и функционирањето на ресорот, засега е неизвесно.

Инаку Фросина Ременски во труд и социјала  и Оливер Спасовски во МВР беа изгласани во собранието со 101 глас ЗА пред само 6 дена. Додека, пак, за нивни заменици беа назначени Митко Чавков за заменик-министер за МВР со 97 гласа „ЗА“, со ниту еден глас „ПРОТИВ“ и Диме Спасов за заменик-министер за труд и социјална политика со 95 гласа „за“ и ниту еден „против“.


Н.С