Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионХан: Турција ќе добие визна либерализација ако ги прими бегалците назад

Хан: Турција ќе добие визна либерализација ако ги прими бегалците назад

Европската унија би можела да ги укине визите за граѓаните на Турција, но предусловот е договор за реадмисија, изјавил еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан, пренесуваат светските агенции. Хан додал дека визната либерализација со Турција е апсолутно реална во рок од 12 месеци, потенцирајќи дека Анкара мора да го прифати договорот за реадмисија.

„Тоа би овозможило бегалците кои доаѓаат во Европа да можат да бидат вратени во Турција“, објаснил Хан, негирајќи дека ЕУ поради бегалската криза ќе направи отстапки кон Анкара.

Според Хан, ЕУ нема да ги затвора очите пред кршењето на човековите права или конфликтот со Курдите и нема да има повеќе средства од планираните три милијарди евра за поддршка на бегалците во Турција. Еврокомесарот додал дека се работи за безбедноста на надворешните граници на ЕУ, бидејќи во моментов 40 проценти од бегалците доаѓаат преку Турција.

Хан исто така додал дека пристапните преговори со Турција мора повторно да започнат, истанувајќи дека тие преговори се единствениот инструмент за потенцирањето на значењето на човековите права. Што се однесува до конфликтот кој Турција го има со Курдите, Хан истакнал дека тој претставува драматично оптоварување во односите меѓу ЕУ и Анкара, а Брисел од турските власти бара хуманитарно решение.