Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаХан очекува покана за преговори следната година

Хан очекува покана за преговори следната година

Денешната посета е уште еден показател дека Европската Унија и понатаму останува фокусирана на земјата и на регионот, изјави денеска во Скопје еврокомесарот Јоханес Хан, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

– Постигнавме многу и не сакам да го дадам впечатокот дека Брисел повеќе не ја следи состојбата во земјата и дека не сме фокусирани на развојот на настаните во земјата, напротив. Мојата лична мисија ќе биде постигната ако почнеме со преговорите. Сега е важно да се истрча последниот километар или половина километар од полумаратонот – рече Хан.

Тој истакна дека остануваат посветени на тоа земјата да добие позитивна препорака и изрази надеж дека тоа ќе се случи следната година.

– Сега сме повеќе сигурни отколку што бевме во минатото дека нашите држави членки позитивно ќе одговорат на препораката – рече Хан.

Еврокомесарот рече дека работите се одвиваат во позитивна насока, но дека до крајот на годината треба да бидат донесени реформите кои се однесуваат на разузнавачките служби, судството и на јавната администрација.

– Тоа се области во кои ни се потребни конкретни резултати до крајот на годината. Ме уверија дека Собранието има своја агенда за постигнување на овие цели, но важно е и опозицијата да ја одигра својата улога и да биде одговорна – рече Хан, додавајќи дека опозицијата треба да е конструктивно критична за да се постигнат зададените рокови.

Прашан дали Македонија ќе се најде во стратегијата која во февруари ќе ја презентира претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, Хан истакна дека документот ќе се однесува на сите шест земји од регионот и на нивната европска перспектива.

Тој рече дека треба да се искористи следниот период од година и пол, кога претседавањето со ЕУ ќе го имаат Бугарија, Австрија и Романија, односно земји кои се залагаат за интеграција на регионот во Унијата.

Премиерот Зоран Заев рече дека очекува Македонија да стане членка на ЕУ уште пред 2025 година, но дека тоа е само желба и оти сè зависи од постигнатите перформанси. Прашан на што се темели оптимизмот, имајќи предвид дека Грција и досега поставувала блокади, Заев истакна дека сега постои позитивна атмосфера и во двете земји и оти таа треба да се искористи за да се реши проблемот.