Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаХан и Мета во Скопје, Заев попладне во Белград

Хан и Мета во Скопје, Заев попладне во Белград

врокомесарот Јоханес Хан денеска во Скопје ќе го слушне отчетот на ресорните министри за спроведувањето на реформскиот план „3-6-9“. Неговите ставови ќе ги соопшти на заедничка прес-конференција со премиерот Заев, пишува Дојче веле.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска ќе му биде домаќин на Комесарот за добрососедство и проширување на ЕУ, Јоханес Хан, кој стигнува во дводневна работна посета на Република Македонија. Двајцата напладне ќе имаат работен ручек, по што ќе одржат заедничка прес-конференција во 14 и 30. По средбата со Хан, Заев попладнето заминува во дводневна работна посета во Србија, каде што вечерва ќе има средба и свечена вечера со српската премиерка Ана Брнабиќ, a ќе се одржи и работен состанок на поширокиот состав на претставници на владите на двете земји. Утре Заев ќе има средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, како и со здруженија на Македонците во Србија. Но, пред средбите со соговорницитево Скопје и Белград, Заев ќе треба да се јави на судско рочиште за предметот „Поткуп“, а неговиот политички опонент Никола Груевски на рочиште за предметот „Насилство (шамарите) во Центар“.

Отчет од министрите

Еврокомесарот Хан, пак работниот престој попладнево ќе го продолжи во Секретаријатот за европски прашања, каде негови кодомаќини ќе бидат заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерите за внатрешни работи, за правда и за информатичко општество – Оливер Спасовски, Билен Саљији и Дамјан Манчевски. На средбата, вицепремиерот Османи ќе ги презентира новите реформски пакети 6 и 9, кои претставуваат дополнување на „Планот 3-6-9“, односно предвидените реформите кои произлегуваат од сите забелешки, препораки и сугестии во извештаите на ЕК и сите други релевантни меѓународни и домашни институции.

„Посебен осврт на реформските приоритети во клучните области, правосудството, реформата на безбедносните служби, како и реформите во јавната администрација, во детали ќе ги презентираат ресорните министри задолжени за нивна подготовка и имплементација“, соопштуваат од Владата.

Еврокомесарот Хан посетата на Скопје ја најави минатата недела на „Твитер“.

„Уверен сум дека Bладата ќе ја искористи позитивната динамика и дека ќе видиме понатамошни реформски резултати до крајот на годината. Ова бара конструктивна соработка на сите политички сили, вклучувајќи ја и опозицијата. Со нетрпение ја очекувам мојата посета на Скопје следната недела, со политички состаноци и средби со граѓанското општество“, напиша Хан.

Освен увид во досегашните резултати, неофицијално, Хан ќе ја сондира подготвеноста за конструктивен пристап кон реформскиот процес на сите партиски субјекти, како и нивната подготвеност за меѓупартиски дијалог во куќата на Жан Моне.

Иванов информиран прв

Вицепремиерот Османи во минатиот паток веќе го информираше претседателот Иванов дека е заокружен реформскиот пакети дека Стратегиите и акциските планови содржани во владиниот „План 3-6-9“, во себе ги имаат инкорпорирано сите забелешки од меѓународните партнери и релевантни институции, како што се препораките од Извештаите на ЕК, Венециската Комисија, ГРЕКО, забелешките на Високата експертска група предводена од Рајнхард Прибе и други извештаи.

„Имаме неповторлива шанса, во 2018 година да направиме историски исчекор и да го затвориме прашањето за ЕУ и НАТО. Потребно е да ги тргнеме настана нашите лични, партиски, па дури и етнички приоритети, да оствариме консензус за реформите, и да испорачаме резултат,“ рекол Османи на средбата, оценувајќи ја 2018 година како историска за напредокот на Македонија во европските и евроатлантските интеграции. Тој побарал од Иванов поддршка за реформскиот процес, но и поддршка за обезбедувањето консензус и вклученост на опозицијата, најмногу за законите за кои е потребен широк политички консензус, како и поддршка од двотретинско мнозинство во Собранието. Повик за консензус и вклученост на опозицијата во реформските процеси, денеска се очекува да стигне и од заедничката прес-конференција на Заев и Хан.

Мета кај Иванов и Џафери

Еврокомесарот не е единствен гостин денеска и утре во Скопје. Во дводневна официјална посета пристигнува и претседателот на Албанија, Илир Мета, на покана од македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Иванов и Мета претпладнево ќе имаат тет-а-тет средба во претседателската „Вила Водно“, по што е предвиден пленарен состанок на делегациите на двете земји. За содржината на разговорите претседателите Иванов и Мета ќе ја информираат јавноста на заедничка прес-конференција. Албанскиот претседател денеsка треба да има средба и со претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери.