Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаХан и европратениците со главна порака: Веднаш да се овозможи формирање нова влада

Хан и европратениците со главна порака: Веднаш да се овозможи формирање нова влада

По завршувањето на средбите со македонските политичари од страна на Јоханес Хан и тројцата европратеници Кукан, Вајгл и Флекенштајн во заедничкото соопштение е наведено дека во Македонија мора итно да се формира влада од новото парламентарно мнозинство за земјата да се врати на европскиот пат.

– На средбите со претставниците на парламентарните партии искажавме многу јасно до сите лидери во земјата, вклучувајќи го и претседателот, дека мора да го почитуваат исходот од неодамнешните избори. Во демократијата сите мора да го признаат парламентарното мнозинство.

Го охрабруваме претседателот повторно да ја разгледа својата позиција ургентно. Нема време за губење. Сега очекуваме сите политички лидери и институции да дозволат демократските процеси да течат во земјата што е во интерес на граѓаните. Изгубеното време од изминатите месеци веќе и штети на економијата на земјата. Затоа повикуваме на брзо формирање на нова влада посветена на договорените реформи. Партиите и новата влада се очекува да продолжат со имплементирање на сите делови од нивниот Пржински договор.

Особено ургираме до сите да се воздржат од акции и изјави кои може да ги запалат интер-етничките тензии и да ги поткопаат добрососедските односи. Никој не треба да биде искушен за да си игра со оган. Ние длабоко сме загрижени за тензиите и говорот на омраза. Слободата на собирање и изразување се фундаментални права во демократски општетства, но тие доаѓаат со одговорности.

Мораме да видиме во наредните денови сериозни и одговорни државнички потези од релевантните институции со цел да се овозможи формирање на нова и солидна коалиција. Ова е единствениот начин за да се врати земјата на европскиот пат, што вашите граѓани го сакаат и заслужуваат, стои во заедничкото соопштение на европските претставници.