Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПродолжете да работите демократски на започнатите реформи, му порача Хан на Заев

Продолжете да работите демократски на започнатите реформи, му порача Хан на Заев

Премиерот Зоран Заев се сретна во Њујорк со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

„Продолжете да работите демократски на започнатите реформи. Тоа што ќе го постигнете е важно за песпективите на вашата држава и за целиот регион“ му порачал еврокомесарот Хан на Заев. Тој ги оценил иницијативите на Владата за добрососедство и регионална соработка како корисни во процесот на интегрирање на целиот Западен Балкан во евроатлантските интеграции.

Премиерот Заев соопшти дека Владата на Македонија е активно фокусирана на реализација на реформскиот План 3-6-9 и на потребните активности за остварување на стратешките евроатлантски цели на државата.

„Ја заокружуваме првата фаза според предвидениот рок, до крајот на септември. Го имаме извештајот на експертот од ЕУ, Прибе и неговите сугестии ќе бидат земени предвид во вториот дел од планот на кој веќе работиме. Нашата цел е да создадеме услови за квалитетен живот на граѓаните на Македонија и за евроатлантските интеграции. Работиме напорно, инклузивно, вклучувајки ги граѓаните, граѓанските организации, политичките партии, ги зацврстуваме постоечките пријателства и градиме нови со државите од соседството и на меѓународен план. Со право очекуваме исчекор во европските интеграции наесен, преку тргање на условеноста на препораката, а потоа и датум за преговори. Паралелно сметаме дека ги исполнуваме потребните услови и за интеграцијата во НАТО“, му рекол премиерот Заев на Хан.

На средбата се разговарало и за отворените можности за напредок на Македонија на економски план, преку зголемениот интерес на домашните и странските инвеститори и придонесот што ќе имаат отворени евроатлантски перспективи за економскиот развој на државата.

По едночасовната средба на премиерот Заев со еврокомесарот Хан, претседателот на Владата беше на вечерата што за лидерите на Западен Балкан ја организираше високата преставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, во седиштето на делегацијата на ЕУ при ОН.