Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаХајндл: Има излез од кризата но процесот се одолговлекува

Хајндл: Има излез од кризата но процесот се одолговлекува

Германкиот посредник, Јоханес Хајндл смета дека Пржинскиот договор е излез од кризата но сепак македонските политичари не работат на таа насока и го одолговлекуваат неговото реализирање.

– Добрата вест е дека има излез од кризава, а тоа е договорот од Пржино, чии принципи и начела го поставуваат патот во правец на демократија, стабилност и евроатлантска интеграција. Лошата вест е дека овој процес се одолговлекува, кризата продолжува да и нанесува штета на земјата и, искрено, времето изминува. Затоа мојата порака беше дека е потребно да се реафирмира и ревитализира Пржинскиот договор како валидна и обврзувачка рамка за реформскиот процес кој претстои, истакна Хајндл во изјавата за медиумите пред Германската амбасада.

Тој ја поздравува одлуката на претседателот Иванов да ги повлече сите аболиции, за партиите да може да се посветат на договореното во Пржино.

Сепак нагласи дека времето истекува и посочи три точки што се важни да се спроведат без одложување.

-Прво, партиите треба да постигнат согласност за датумот на изборите и да го направат она што е потребно за да се исполнат условите за слободни и фер избори. Второ, на специјалниот обвинител мора да му се овозможи да го исполни својот мандат без какви било опструкции и слободно. И трето, партиите треба да се согласат без какво било одложување за имплементацијата на итните реформски приоритети и да ги адресираат недостатоците посочени во Извештајот на Прибе. Ова може да се постигне и е изводливо, рече специјалниот германски посредник, Јоханес Хајндл.