Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАСветЃулен згрозен од налогот за апсење, САД не решиле за екстрадицијата

Ѓулен згрозен од налогот за апсење, САД не решиле за екстрадицијата

Исламскиот проповедник Фетула Ѓулен го осуди налогот за апсење издаден од турските власти кој е надополнување на барањето за екстрадиција од САД при што тој е осомничен како главен мотиватор и организатор на неуспешниот воен пуч.

„Документирано е дека турскиот судски систем не е независен, така што налогот за мое апсење е уште еден пример за тежнеењето на претседателот Ердоган кон авторитаризам и отстапување од демократијата“, соопшти вчера Ѓулен, кој негира каква било вмешаност во минатомесечниот пропаднат пуч, наведуваат британските медиуми.

Портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, истовремено, кажа дека САД ги разгледуваат новите документи што Турција им ги доставила со цел да го екстрадираат Ѓулен.

– Турските власти во неколку наврати ни доставија документи и токму сега ние ги разгледуваме, изјави портпаролот Тонер, додавајќи дека првата серија доставени документи не претставуваа формално барање за екстрадиција на Ѓулен.

Турција очекува брза екстрадиција со цел да го заврши судењето за обидот за преврат во државата и врши целосен дипломатски и политички притисок врз САД со закана за меѓусебните односи доколку Ѓулен не биде испорачан.