Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГрујевски и Бошковски фатени поради лажните бугарски пасоши

Грујевски и Бошковски фатени поради лажните бугарски пасоши

Грчките погранични служби на аеродромот „Македонија“ во Солун вчера попладне при обид да отпатуваат кон земја од ЕУ ги откриле Горан Грујевски и Никола Бошковски кои со меѓународна потерница од МВР се бараа по налог на Специјалното јавно обвинителство, велат за Плусинфо од грчкото МВР.

Двајцата бегалци од правдата имале бугарски пасоши. Но, биле откриени токму поради лошата изработка на лажните патни исправи, а како што велат соговорниците, на безбедносните служби им „паднале во око“ бидејќи патувале заедно и личеле на двајца бегалци за кои Интерпол пред 3 месеци распиша меѓународна потерница.

Веднаш биле уапсени и предадени на истражителите од државната безбедност на Грција, кој пак, преку отисоците им го утврдиле вистинит идентитет.

За апсењето, преку канцеларијата на Интерпол од Солун веднаш било известено македонското МВР. Освен македонската полиција, за апсењето е известено и бугарското МВР кое започнало истрага за лажните патни исправи.

Двајцата поранешни службеници на УБК од синоќа се во истражниот затвор крај Солун и денеска попладне ќе треба да дадат исказ пред истражен судија како и каде се криеле во Грција, но ќе треба да им објаснат на грчките безбедносни служби како тајно влегле кај нашиот јужен сосед.

Од грчкото МВР за Плусинфо велат дека ќе чекаат македонското МНР формално да побара и да достави документи за нивна екстрадиција. Во зависност од доказите ќе биде одлучено дали двајцата ќе бидат екстрадирани за Скопје.

Грујевски и Никола Бошковски, обајцата бивши началници во Петтата управа, од 18 јули не се достапни. Обвинети се во случаите „Таргет“ и „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство кои се однесуваат на злоупотребата на системите за прислушкување на УБК и на уништувањето на опремата. Бошковски е вработен во Управата, а Грујевски беше началник на петтата управа во УБК.