Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГруевски: ВМРО-ДПМНЕ e фокусирана кон иднината и не се плаши од минатото и од историјата

Груевски: ВМРО-ДПМНЕ e фокусирана кон иднината и не се плаши од минатото и од историјата

Десет години Македонија го слави 23-ти октомври како државен празник, денот на македонската револуционерна борба, а годинава е прва година кога не само што се прекинува традицијата на доделување на државната награда 23-ти октомври, туку и очигледна е незаинтересираноста на новата власт кон одбележување на овој празник, изјави денеска во Штип лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на Свечена академија по повод „Денот на Македонската револуционерна борба“.

Груевски говорејќи за Договорот за добрососедство со Бугарија, рече дека владата без јавна дебата и без да го праша народот за тоа, потпишала договор со кој е превидено менување на учебниците по историја и оти разбирливо е зошто владата сега не сака да се празнува 23 Октомври.

– Ова е година кога за прв пат нашата историја стана алатка за политички преговори, доаѓање и останување на власт. Менувањето на нашата историја, откажувањето од нашиот јазик, име и идентитет, стана алатка за некој да дојде и да се задржи на власт. Ние сме партија, која гледа, која е фокусирана кон иднината, кон подобрата и поуспешна иднина на нашата држава и народ, но не бега и не се плаши од минатото и од историјата, ниту пак ја сквернави или злоупотребува – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ иднината на Македонија ја гледа во ЕУ и НАТО и дека како партија сакаат добри односи со соседите, но се против тоа други држави да ни го интерпретираат или преправаат минатото, согласно нивните државни интереси. Тој истакна дека и основачите на ВМРО никогаш не се поколебале и не отстапиле од идејата дури ни во своите последни моменти од животот.

– Беа шиканирани и оцрнувани, некои се обидуваа да ја прикријат нивната заслуга, некои ги понижуваа и не ја вреднуваа нивната борба и жртва за Македонија. И сето тоа им го приредуваа луѓе кои се срамеа затоа што не се како нив и мислеа дека ако нив ги оцрнат така прво ќе се прелажат себе а потоа ќе ги прелажат и другите, ќе ги натераат другите да веруваат дека за Македонија не треба да се бориш. Каква поразителна тактика. Не им успеа. Ние наследниците на идејата на основачите, и на сите останати херои, успеавме да го осветлиме нивниот лик, да ја кажеме правата вистина, да ја отвориме историјата и да ги избришеме немакедонските погледи врз нив и нивната револуционерна страст – порача Груевски, додавајќи дека секогаш ќе се борат за Македонија.