Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГруевски: Владата на СДС донесе помрачување во Македонија

Груевски: Владата на СДС донесе помрачување во Македонија

Тоа што го донесе Владата на СДСМ во овие четири месеци не е ништо друго туку помрачување, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на вечерашниот митинг на партијата во Неготино.

Тој истакна дека ја следи кампањата на СДСМ и дека тоа што го порачува се апстрактни поими и ништо конкретно.

– Повеќе од половина од нивните говори се навреди, плукања, омаловажувања за мене лично и кажуваат повторно дека ќе донеле живот, енергија, воздух. Некои апстрактни поими, а ништо конкретно. Тоа што го донесоа во овие четири месеци не е ништо друго освен помрачување. Нивното владеење е едно класично работење со кршење на законите во Македонија. Немаат чувство дека народот ги донел на власт, затоа што не ги донесе народот на власт. Ама народот ќе ги симне од власт и тоа ќе почне на 15 октомври, а ќе заврши со предвремени парламентарни избори во Македонија и со враќање на ВМРО-ДПМНЕ на власт – рече Груевски.

Тој нагласи дека власта ги притиснала медиумите да прикажуваат розова слика за она што се случува, за народот да не може да ја почувствува вистинската атмосфера и „помрачувањето што владее во Македонија“.

– Тие почнаа и со притисок врз судиите во Македонија, а најзагрижувачки е што почнаа со еден некоректен однос кон странските инвеститори кои во Македонија значат работа, значат вработувања на невработените и кон нив имаат однос како да тие сакаат да дојдат да нè украдат и да си одат – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека СДСМ тоа го прави бидејќи во „нивната партија има многу газди и ним не им одговара да доаѓаат нови компании и да нудат работни места и да ја зголемат платата“, бидејќи тоа ќе ги принуди и „газдите од власта да мора да ја зголемат платата и во нивните фабрики“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со коалцијата вечерва одржува митинг и во Кавадарци.