Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГруевски три часа му објаснувал на Хан дека ова било „политичко силување“

Груевски три часа му објаснувал на Хан дека ова било „политичко силување“

Средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханеси Хан, траела три часа и на неа, како што соопштуваат од партијата, Груевски и неговите соработници „многу директно, јасно и прецизно“ ги претставиле своите позиции за моменталната политичка состојба, но и за „сите причинители, поттикнувачи и извори на неколкугодишната криза во Македонија“.

Груевски на средбата со Хан и со тројцата европратеници, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, бил придружуван од партиските функционери Антонио Милошоски, Илија Димовски, Александар Николоски и Христијан Мицковски.

– ВМРО-ДПМНЕ отворено зборуваше за директното мешање на надворешни фактори во создавањето на кризата, неприфатливата улога и мешањето на неколку амбасадори во процесот на формирање на владата, улогата на СЈО како политичка испостава на СДСМ и на некои надворешни центри за уцени, притисоци, замолкнување и за закана кон политичари, новинари и медиуми, политичката измама со постизборното презентирање на платформата од Тирана како документ – услов за составување на влада, разочараноста што Европската комисија не ја осуди платформата, намерата на одредени центри да се скрши и по можност да се елиминира ВМРО-ДПМНЕ за да се редефинира државата… – стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за средбата.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласиле дека мнозинството од македонскиот народ не може да биде оставено во опозиција и без право да учествува во раководењето и во одлучувањето за иднината на својата држава.

– Македонските граѓани се крајно револтирани затоа што не само што се крши принципот „победник со победник“, кој меѓународната заедница го наметна, туку јасна е намерата преку тоа кршење, мнозинството Македонци да одат во опозиција за да можат албанските партии заедно со СДСМ, како поразена партија поддржана од малцинството од граѓаните и особено од малцинството од Македонците, да го сменат името и идентитетот и да ја применат тиранската платформа за редефинирање до непрепознавање на земјата, и дека СЈО е главната алатка за олеснување и за спроведување на тој план, чиј креатор заборавил дека Македонија освен партии и политичари има и народ, и дека ова што се случува е „политичко силување“ на државата и на народот и неговата волја – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата било предочено дека одговорноста за понатамошниот развој на состојбата ја носат сите политички чинители, вклучувајќи ги претставниците на меѓународната заедница и дека многу избразни и непромислени чекори и изјави од кој било фактор создаваат и можат да создадат сериозни тензии во целокупното општество.

– ВМРО-ДПМНЕ посочи дека предвремени избори секако ќе има, но колку побргу се одржат тие, толку подобро за Република Македонија. Потребно е да се искористи можноста тие избори да се одржат заедно со локалните избори, во најкус можен рок, заради ставање конечен крај на долгогодишната криза, која во овие денешни околности очигледно не е во можност да заврши – се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за средбата со еврокомесарот Хан.