Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГруевски: Нема да фаворизирам ниту еден кандидат за мој наследник

Груевски: Нема да фаворизирам ниту еден кандидат за мој наследник

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вели дека не планира да се меша во одлуките на делегатите, ниту да им сугерира кого да поддржат и одберат за иден претседател на партијата. Остава тие сами да одлучат, а кандидатите да водат фер внатрепартиски натпревар и да внимаваат на одржување на единството на партијата.

„Повеќето од оние личности чии имиња секојдневно се спомeнуваат во медиумите како потенцијални кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, се мои долгогодишни соработници и пријатели, луѓе со кои, со години заеднички сме работеле и заеднички сме носеле и сеуште носиме одлуки во партијата. Со дел од нив и во Владата, сме делеле и добро и лошо, и со сите нив имам блиски релации, како службени, така и приватни. Затоа, јас не планирам да се мешам во одлуките на делегатите, ниту да им сугерирам кого да поддржат и одберат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Груевски на својот ФБ профил.

Изборот на претседател на ВМРО-ДПМНЕ, според него, треба да е демократски и да произлегува од длабоката верба кон таа личност на оние кои ќе гласаат и оние кои им ја делегираат таа привилегија, а тоа, како што потенцира, се партиските членови.

Груевски нагласува и дека секој од можните кандидати чии имиња се споменуваат во медиумите досега има доволно искуство, знаење, визија и капацитет, доколку биде избран на конгресот со сигурност и убедливо да го победи СДСМ и Зоран Заев на следните избори, доколку има рамноправен терен за политичка борба.

„На кандидатите им сугерирам да водат фер внатрепартиски политички натпревар и да внимаваат на достоинството и угледот на противкандидатите, бидејќи изборот ќе заврши за дванаесет дена и потоа секој и е потребен на партијата независно дали како член на раководството, пратеник или било каков соработник или поддржувач со значително искуство и авторитет. Најмногу од сè, секој е одговорен да внимава за задржување на единството на партијата, како до, така и по Конгресот.

ВМРО-ДПМНЕ е партија која многумина во овој момент би сакале да ја видат поделена, раскарана и дефокусирана од најзначајните прашања за државата и нацијата. Кандидатите за претседател, а потоа и избраниот претседател имаат голема одговорност во однос на задржување на единството на партијата, а со тоа и нејзината сила, моќ и влијание.

Независно колку сте познати на членовите и делегатите од вашиот досегашен политички ангажман, од Ваша страна се очекува коректно и навремено во наредните 6-7 дена соодветно и транспарентно да ги презентирате вашите ставови пред членството околу Вашата визија, политики кои планирате да ги водите за сите сегменти на политичкиот живот, сите сектори и за најважните државни и национални прашања, а по можност и за клучните лица и кадровски решенија кои би биле во вашиот тим доколку бидете избран за Претседател на партијата. Тоа е фер и нормално очекување од секој од кого очекувате поддршка.

На делегатите на Конгресот сакам да им сугерирам пред гласањето на Конгресот да извршат посета и консултации со нивната база од каде доаѓаат, најмалку со општинските и месните комитети од каде ја влечат својата моќ и да не заборават дека тие пред сè се делегати, дека се делегирани да го застапуваат во Конгресот преовладувачкото мислење на голем број членови на партијата од нивниот реон, а не да го застапуваат само своето мислење или да влегуваат во непринципиелни или нечесни задкулисни договарања. На членовите на партијата им сугерирам, при градењето на сопствениот став и неговото пренесување во партиските тела и до делегатите, да се водат од општиот интерес на партијата и државата и да дадат поддршка за оној за кого веруваат дека најдобро ќе ја води партијата и државата по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт. Да не заборават дека улогата и довербата кон лидерот на партијата од страна на електоратот е одлучувачка при гласањето на изборите. Да не забораваат дека на 23 декември треба да го одберат идниот премиер на Република Македонија“, напиша Груевски попаднево на Фејсбук.