HomeДЕНЕШНАПолитикаГруевски најави помош за млади студенти, спортисти, музичари

Груевски најави помош за млади студенти, спортисти, музичари

Никола Груевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, продолжи со партиските активности и преставување на новите проекти кои ќе бидат реализирани во наредниот период со уште шест нови пакет мерки за младите лица во Македонија, наменети за ученици и студенти, како и млади лица од повеќе категории на спорт и уметност.

Еден од главните проблеми за многу млади лица се раното расипување на видот, па затоа ветена е бесплатна ласерска корекција на диоптрија за студентите кои имаат проблем со својот вид и таа ќе се однесува за сите студенти од 18 до 26 години кои потекнуваат од семејства со остварен годишен нето приход до околу 115 илјади денари. Ласерката корекција на диоптрија ќе се однесува за студентите кои имаат диоптрија над плус или минус два. Трошоците за ласерската корекција на видот ќе бидат на Фондот за здравствено осигурување, а оваа мерка ќе почне да се применува од 2017 година за што претходно ќе бидат направени неопходните измени во Законот за здравствено осигурување.

Во оваа насока предвидено е и обезбедување бесплатни леќи и очни помагала за средношколците и студентите од 14 до 26 годишна возраст кои потекнуваат од семејства чии вкупни месечни приходи не надминуваат бруто износ од околу 32.000 денари.

„Докажавме дека значаен ни е секој проект и дека младите го имаат нашето должно внимание. Ова го правиме затоа што искрено веруваме во потенцијалот на младиот човек и затоа што обезбедувањето на сигурност, добро образование, инфраструктура и можности се работите кои силно го поттикнуваат нивниот развој,“ потенцираше Груевски.

За младите ќе се организира „Студент фест“ како главен културен и забавен настан за студентите од поголемите универзитетски центри како Штип, Битола, Охрид и Скопје со целосна државна поддршка. Носител на проектот ќе биде Агенцијата за млади и спорт во соработка со општините и се предвидува да започне да се реализира од следната година.

Државна помош со субвенции ќе добијат и музичарите за купување на инструменти за младите и со него секоја година ќе се субвенционираат до 50 млади музичари со еднократен паричен надоместок од 75 проценти од сумата за купување на инструментот чија вредност не треба да биде поголема од 100 илјади денари.

Една од новите мерки е и обезбедување бесплатен здравствен преглед за спортските репрезентативци. Услов за да го користат овој проект е младите да бидат репрезентативци во миниум два последователни циклуса или категории. Мерката ќе почне да се реализира од јуни 2017. Заокружување на новиот пакет мерки е и изградба на читални во повеќе градови низ Македонија.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com