Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГруевски ќе ја оспори новата влада пред Уставен суд

Груевски ќе ја оспори новата влада пред Уставен суд

ВМРО-ДПМНЕ планира да ја оспори новата влада пред Уставниот суд, доколку парламентарното мнозинство на СДСМ, ДУИ и другите албански партии ја изберат без претходно да добијат мандат од претседателот Ѓорге Иванов, велат добро упатени партиски извори – пренесува Фокус.

-Уставот не се занимава со прашањето што ако мандатарот не успее да формира влада после првото доделување на мандатот, но предвидува дека претседателот го определува мандатот за состав на влада, така што влада без мандат е неуставно – посочуваат тие.

Според неофицијални информации на Фокус, партијата на Никола Груевски истовремено разгледува можности како да ја оспори новата влада и во ситуација Зоран Заев да добие мандат од шефот на државата, доколку мандатот биде предоцна доделен, надвор од праксата воспоставена во 1992 година од 10 дена меѓу трите обиди за избор на влада, а владината програма содржи заеднички точки и елементи со албанската декларација.

За да му го определи мандатот на Заев, претседателот Иванов бара тој претходно да се откаже од таканаречената тиранска платформа, бидејќи, според него, таа ги загрозува уставните атрибути на државата – суверенитетот и независноста. Покрај тоа, друг услов за лидерот на СДСМ да го добие мандатот, како што посочуваат од неговиот кабинет, е да се доконституира парламентот со избор на спикер, по што се активираат уставните рокови.

Моментантално, во парламентот се води битка токму околу изборот на прв човек на Законодавниот дом, бидејќи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со долги дискусии го одолговлекуваат изборот на Талат Џафери за нов спикер. Но, како што веќе објавивме, СДСМ и албанските партии бараат начин како да ја деблокираат седницата и да го изберат Џафери за претседател, кој потоа треба да го извести Иванов за новото парламентарно мнозинство, за да му го даде мандатот во рок од 10 дена.

Нашите сознанија говорат дека партиите што го сочинуваат новото парламентарно мнозинство размислуваат да изберат спикер на седница во парламентот, свикана од најстариот пратеник, во отсуство на пратениците на ДПМНЕ или пак, тоа да го сторат надвор од зградата на парламентот, доколку бидат оневозможени тоа да го сторат внатре.

-Седница на собрание, без разлика дали е за избор на претседател на собранието или за избор за влада, треба да го направи собранието, односно потребното парламентарно мнозинство, и никаде не е наведено дека тоа мора да се оддржи во зградата на парламентот – вели функционер на СДСМ.

Инаку, уставните експерти што ги консултиравме велат дека изборот на владин кабинет претставува индивидуален акт и затоа, според нив, Уставниот суд не може да одлучува за тоа, освен ако постапува по политички клуч или директива, додека пак, усвојувањето на владината програма претставува општ акт, па може да се оспори пред Судот без никакви правни пречки.