HomeДЕНЕШНАПолитикаГруевски бара 63 пратеници, Заев исто толку

Груевски бара 63 пратеници, Заев исто толку

Изборите ќе бидат крај на кризата, народот ќе победи, затоа е потребна голема победа и мнозинство од 63 пратеници, рече Груевски на партискиот собир во Скопје. Тој обвини дека опозицијата е деструктивна и сака да ја продаде Македонија. За по изборите порача дека треба да се стави крај на поделбите и најави нови проекти.

„Опозицијата сака филмот на заевци и верушевци да стане реалност, но на 11 декември секој од вас ќе може да покаже во каква Македонија сака да живее. После две години агонија на секој од вас му е јасно значењето на овие избори, не е потребна само победа, туку се потребни 63 пратеници за стабилна и силна победа, за силна Македонија. Тоа ќе биде силна порака до сите оние кои мислам дека можат да го заобиколат народот. Тоа ќе биде крај на црните сценарија на заевци и верушевци. Тие 63 пратеници ќе бидат силна победа за ВМРО-ДПМНЕ и за коалицијата, мнозинство кое никој нема право да го уценува“, порача Груевски во својот долг говор.

По собирот на владејачката партија, се огласи и лидерот на опозицијата.

„Груевски побара од граѓаните 63 пратеници, 63 пратеници ќе има, но од здружената опозиција со граѓаните“, напиша претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на својот фејсбук профил, по партискиот собир на ВМРО-ДПМНЕ. „Заврши времето на автократија. Доаѓа време на правда, слобода, демократија и единство. Доаѓа време на живот во Македонија“, напиша Заев.

Од СДСМ преку соопштение наведуваат дека на 11 декември ќе победи и пресуди граѓанскиот глас. „Никој повеќе не го слуша обвинетиот Груевски, дури ни неговите од ВМРО-ДПМНЕ, ниту оние кои ги донесе во затворената сала. Знаат граѓаните како Никола Груевски им го уништи животот со секоја страница повеќе во програмските шеми на фамилијата. И трпението има граници“, стои во соопштението од СДСМ.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com