Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГруевски 1 година и 6 месеци затворска казна, Јанакиески условна казна- пресуди за „Насилство во Општина Центар“

Груевски 1 година и 6 месеци затворска казна, Јанакиески условна казна- пресуди за „Насилство во Општина Центар“

После 7,5 години од немилите настани пред Општина Центар, кога толпа на луѓе ја искршија општината и насилно влегоа во просториите на локалната самоуправа, денеска, овој случај подигнат од веќе згаснатото Специјално јавно обвинителство, доби првостепена пресуда.

Денеска беа изречени пресудите за случајот „Насилство во Центар“. За поттикнување насилство за време на протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година, и тоа за неколку обвинети меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски и за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски.

Поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство доби казна затвор од една година и шест месеци , а екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски е осуден условно на една година. Условна казна им беше персудена и на останатите обвинети за случајот . Пресудата ја донесе судијата Душан Јосифов. Екс градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, во чиј мандат се случија овие насилни протести, денеска на ФБ  го изрази своето мислење по овој повод:

– По 7,5 години од бруталните инциденти и по 3,5 години поминати во судски процеси, денеска правдата ја победи неправдата.
Има работи во нашите животи за кои сакаме и за кои не сакаме да зборуваме. Секој од нас, кои тие два дена од јуни 2013-та година ги доживеа насилните протести, дводневната опсада, заканите по живот, демолирањето на општинските бараки и искршените прозорци, носи трауми и последици во себе за кои не сакаме да зборуваме. Некои од нив, сфатив подоцна, ќе останат засекогаш како трајни последици.
Режимите, најчесто, тоа и го прават, зарем не?
Сега е веќе јасно дека единствената причина за тогашните протести не беше грижата на Груевски за црквата “Свети Констатин и Елена”, туку грижата и стравот дека ќе се стопира изградбата на другите објекти од криминалниот проект “Скопје 2014” кои беа од негов и нивен интерес. Поништувањето на Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“ претставуваше директна закана за опстојувањето на бизнис интересите на партискиот врв и нивните блиски бизнис партнери.
Иако постојано и во целост ги демантирав тврдењата кои доаѓаа од Белата палата дека имаме намера да рушиме цркви, нивнатата партиско-медиумска машинерија не ги објавуваше моите изјави дека се работи за груба манипулација со чувствата на вистинските верници и дека целото договорено сценарио е масло на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ.
Во овој предмет, впрочем, имаше и две признанија на вина на почетокот на судскиот процес од обвинети кои во периодот на протестите беа советници во Општина Центар.
Во мојот живот, никогаш не сум посакувал нечиј татко или нечија мајка да оди во затвор, најмалку поради мене. Никогаш не сум барал среќа во туѓа несреќа.
Така е и денеска, кога ја слушнав пресудата.
Меѓутоа, Никола Груевски, како поттикнувач на насилствата пред Општина Центар, заслужи да биде казнет. Верувам и ќе се борам за тоа казната да ја отслужи во македонските затвори. Останатите инволвирани во насилствата, нека извлечат поука. За себе и за другите.
Оваа пресуда и казна, за мене, е важна за да испрати порака до сите дека никој не е над законот, но и да се одвратат сите други кои имаат или ќе имаат такви намери да го сторат тоа во иднина.
“Ниту еден човек не е над законот и ниту еден човек не е под него.”
Теодор Рузвелт, истакна Жерновски.

Обвинетите во „Насилство во Центар“, се товарат за поттикнување насилство за време на протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година.

Обвинителството се откажа од гонење за лицата Даниела Рангелова, Милан Андоновски и Борче Богдановски.