Tuesday, Apr 23, 2024
HomeГОВОРНИЦАКолумна„ГРОБАРИ“ на македонската кошарка !!!

„ГРОБАРИ“ на македонската кошарка !!!

Прекрасно и незаборавно беше чувството на крајот на септември 2011 година.

По 24 дена одвоен од огништето, од најблиските, од дождливиот и ладен Каунас, во друштво на најдобрите (привилегијата беше моја) пристигнав во Скопје. Сончев, топол ден. Си реков – Ех, ова е Македонија. На пистата на ,,Александар Македонски,, малиот Лука тргна во прегратки на својот татко (Перо). Зад него насмеани ведри лица, едвај чекаа да ги поздрават 12-мината кои тој месец, тоа лето им го направија незаборавно, на генерации Македонци.

Сите сакаа да ги допрат, да ги прегрнат, да ги поздрават, да се сликаат, со хероите од Литванија. Влеговме во штотуку отворениот нов аеродром. И таму уште повесела атмосфера. А, надвор, пред него… Woooouuuu…. Илјадници луѓе со развиорени знамиња, бликаа од среќа и пееја ,,Излези момче … ,,.

Не можев да поверувам. Мислев дека сонувам. Но, стотината автомобили, автобуси, камиони, кои се движеа во правец на Велес, сите до еден застануваа, свиреа и извикуваа ,,шампиони,,.

И тогаш некаде меѓу илјадниците луѓе кои долж патот кон Скопје, излегоа да ги поздрават нашите херои, здогледав еден постар човек. Темен тен на збрчканото лицето од неговите години, со неколку дневна брада, одеднаш ги крена рацете високо, со стегнати тупаници и извика – Браво јунаци македонски. Браво синови мои. Вие сте гордост наша, гордост македонска.

Ме полазаа морници, ми се насолзија очите, ама не бев единствен кој реагираше така, не бев единствен од оние кои го видоа и слушнаа старецот, а кои беа на автобусот со македонските кошаркари.
Ќе ја прескокнам скопската еуфорија и дочекот на плоштадот, ќе ми простат за тоа стотината илјади кои ги дочекаа нашите кошаркари, па само ќе напишам. Ах, тоа беа моменти за незаборав, моменти за кој вреди да се спортува, вреди да се откажеш од сите други задоволства, едноставно, моменти за кои вреди да се живее.
И се тоа ќе остане на многумина од нас врежано во вечно сеќавање, ќе остане запишано во историјата.

КОЛКУ ДА ВЕ ПОТСЕТАМ.

И сега ќе се прашате. Па што врска има насловот со овој подолг вовед?

Има и тоа многу. Еве зошто. По тој септември, децата намаалските кошеви се поистоведуваа со Бо, Перо, Тоше, Војдан и Дамјан, други со Пеџа со Станко итн, итн …

Задоволни беа и оние кои на било кој начин се инволвирани во мак-баскетот. Македонската кошарка доживеа експанзија. Илјадници деца кон крајот на тоа лето, поитаа да се запишат и да тренираат кошарка. Сите уште долго потоа зборуваа, коментираа за кошарката.

Со еден збор. Таа 2011 година ,,СТАНАВМЕ ГОЛЕМА ЕВРОПСКА КОШАРКАРСКА НАЦИЈА,,
Упсссс…. Ќе да сум грешка. Па нација нели беше народ! Народот нели сакаше свои херои!? Што се смени за овие 3,5 години?

Одеднаш муабети, немаме играчи, немаме квалитет, квантитетот не секогаш носи квалитет, ПОТРЕБНИ НИ СЕ ПОВЕЌЕ СТРАНЦИ. Некој рече – Странците ќе ја зголемат конкуренцијата, а и нашите играчи ќе напредуваат покрај нив.
Се роди идеја во Првата машка кошаркарска лига без никакви ограничувања, да играат шестмина, да шестмина (6) странци.

За волја на вистината, идејата не е од сега. На Здружението на кошаркарски прволигаши (ЗКП) во декември 2013 ваквиот предлог беше пролонгиран. Во февруари во Охрид на Собранието на МКФ беше разгледуван регистрацискиот правилник, па членовите (клубовите од сите лиги) изгласаа – 4 странци во тим на еден натпревар, неограничен број на пријавени од сезона 2015/16, бидејќи за следната важи одлуката од претходното Собрание. А, она што пак во целата ситуација ми е нај банално. Иницијативата за број на странци во Прва лига, поддржана од клубови во втора, трета лига, женска кошарка, клубови „NO NAME„ за кои ниту сте слушнале ниту ќе чуете во блиска иднина барем во наредните 50-години.

И пази глупост: ,, Во овој момент, треба да се искористи волјата и одлучноста на управите на прволигашите да вложуваат во играчи од странство’’.

А, ДА ИНВЕСТИРАВТЕ ВО НАШИ – МАКЕДОНСКИ КОШАРКАРИ

Па нели сите сме сложни во мотото – Купувајте македонски производи !? Или за вас ова не важи!?. Па, нели – нашите (а не странски спортисти) се најдобри амбасадори на нашата земја, или ние промовираме туѓи вредности !?

И сега повторно. Сакаме странци, кај нас (во Македонија) нема квалитетни кошаркари.
Јас ќе се сложам делумно. Со завршувањето на генерацијата од Литванија и нагледам некоја голема перспектива. Исклучок, генерацијата на Николов, Магдевски, Двојаковски… Во нив имам верба. Но, засега. Бидејќи и тие ќе мора со резултат да ја оправдаат довербата. Знам, малку фалеше да се вратат во првата дивизија, но тоа не се случи и повторно сега во поголема возрасна категорија (таму ќе им биде и потешко) ќе мораат да го сторат тоа.

Дека, немаме генерации на кои може да се надеваме, покажуваат и неколкуте последни настапи на таканаречените Европски првенства – Б дивизија. Види богати. Дивизија “Б”. Нашки би дошло Втора лига или во друштво на Финска, Шведска, Исланд… И кога во таа Втора лига си 12-13 место тогаш си 28-29 во Европа. Еми има и Прва лига.

И зошто е тоа така. Па, нели сениорите беа четврти!?

Па, нели. Па, нели ништо не е вечно, ништо не трае на стара слава. Па, нели за да стигнат до тоа 4.место годиништа не немаше никаде на европската кошаркарска мапа. Па, нели некој се сети дека и тие еден ден ќе заминат во заслужена пензија. Дека некој треба да ги наследи, замени, да биде подобар од нив.

А, да му текнеше некому иако тоа постојано се коментираше дека покрај играчи треба и стручни кадри. А, да се зафатеше некој со сериозна работа до младите категории, а не само со прибирање членарини од децата. А, да се натераа поголемите екипи задолжително да имаа и младински погон. И тоа не им се допадна, иако пред чинам 4 години во Охрид, ЗКП донесе предлог одлука до УО со која требаше во предигра на секој првенствен натпревар да играат младинци ЗАДОЛЖИТЕЛНО.

Е, па, нели тогаш поголемиот дел од екипите не можеа сениорски тим да склопат, а камо ли младински. Од тогаш мина време, клубовите се реорганизираа, барем на сениорско ниво. Станаа Акционерски друштва (барем така стои во законот). Видливо е дека сега има повеќе вложувања, повеќе пари, барем во повеќето прволигашки екипи. Видливо е дека интересот за настап и надвор од границите на Македонија (пред се благодарение на МЗТ Скопје) се зголеми. Со еден збор, амбициите на мак-клубовите порасна.
Ќе се согласам дека за настап во АБА лигата, Еврокупот, па и БИБЛ лигата нашите тимови треба да го зголемат квалитетот доколку сакаат да бидат во самиот врв.

Ги разбирам и размислувањата на финансиерите дека ним првенствено им е резултат (трофеи) на својата екипа. Сепак, не е во прашање само екипата, во прашање пред се е интересот на земјата, на државата на репрезентацијата.

Бадијала ни се нам трофеи од АБА, Еврокуп, БИБЛ, ако нив ги освојуваме со странци. Зошто го велам ова? Затоа што на тие трофеи ќе им се радуваат само симпатизерите на екипите. За разлика од секоја победа, секој добар резултат на репрезентацијата на кој се радуваат сите, ама баш сите, без разлика за кој клуб навиваат.
Да не ме разберете погрешно, апсолутно сум на линија со играчите кои преку своето здружение се изјаснија, категорично не. И јас како и тие сум за странски играчи, ама квалитетни. Колку да потсетам, па Реал Мадрид во Скопје од МЗТ загуби која сино-белите имаа еден сигурно (Марк Дин), ама за вториот не се сеќавам! Ова колку за потсетување на оние кои заборавиле и подобро за оние кои во тој период и не знаеле ништо за кошарката.

Да, и јас сакам да се радувам на успеси на МЗТ Скопје во АБА, Кожув и Куманово во БИБЛ, дај Боже па у во Еврокуп, Евролига, ама ќеифот е поголем кога ќе видам наши деца да играат, а не петпарачки странци.
Иницијаторите напишаа: ,, Во овој момент, во Првата Македонска Лига 50% од домашните играчи кои имаат минутажа и се некој фактор во клубовите, имаат по 30 или повеќе години, па во последните неколку сезони сме сведоци дури и близу 40- годишни кошаркари се носители на играта во своите клубови. Овие играчи не се перспективата и иднината на македонската кошарка. Нив треба да ги бараме по школите, па дури и помеѓу тие кои допрва треба да почнат во најрана возраст’’.

Па кој Ви е крив кога Тоше, Станко, до неодамна Блажевски со своите 40 години беа 1000.000
пати подобри од сите странци кои заедно сте ги донеле во последните 10 години. Алоооо…

Како што самите (иницијатори) велите ,, Квалитетот е неспорен за бил кој играч, без разлика од каде доаѓа (домашен или странец)’’. Научете, дека спортот не разбира, домашен-странски, бел-црн, стар или млад, во спортот успеваат само оние што се добри, во спортот има само подпросечен (просечен) и одличен (мајстор).

Абе, никој нема да ви се налути ако го донесете Наваро со 34, Лорбек со 30, никој нема да ви
се налути да го видиме Теодосиќ со 27 или Крстиќ со 31 година. Е такви играчи ДА, ДА, ДА …
Ни случајно не сум за играчи со непроверен квалитет, играчи кои неможат ниту од далеку да се носат со нашите највозрасни, а камо ли да бидат лидери на екипа. Па, ајде бидете реални и напишете сами колку странци продефилираа, а кои од нив ви остана во сеќавање.

Јас ќе се присетам дваесет години наназад кога во нашите екипи играа по двајца странци: Јовановиќ, Ивановиќ (Работнички), Марк Дин (МЗТ), Инграм, Грант (Деликатес),

Турман и Едвардс (Жито Вардар). Е тоа беа играчишта. А, не овие кои во слободно време
вртат скара северно од Врање.

Бидете доблесни и признаете дека немате намера да инвестирате во младите категории. Дека вас децата не ве интересираат, туку ве интересира моменталниот резултат. Вие немате време за трпение, а уште помалку идеја за систематска, аналитична работа со младите генерации. Признаете, кога последен пат, како клубови сте ги пратиле вашите тренери на усовршување!? Кој се работи со тие деца!? И конечно.

ПРИЗНАЕТЕ ДЕКА ОВАА ИНИЦИЈАТИВА Е САМО ЗА ДА ГИ СОКРИЕТЕ ВАШИТЕ СЛАБОСТИ, ДА ГО СОКРИЕТЕ ВАШЕТО НЕ РАБОТЕЊЕ ГОДИНИШТА, МА ЈОК ДЕЦЕНИИ НАНАЗАД.

И НЕ ЧУДЕТЕ СЕ КОГА НЕКОЕ ДЕТЕ ЗА ГОДИНА ИЛИ ДВЕ НАЈКАСНО ЌЕ ВЕ ПОСОЧИ КАКО ГРОБАРИ НА МАКЕДОНСКАТА КОШАРКА.
ЗАТОА ШТО ЗА МАКЕДОНИЈА СЕ РАБОТИ

КОЈ ЗНАЕ КОГА ЌЕ БИДЕ ПОВТОРНО ВАКА

ИГОР ТРПЕСКИ
23 април 2014