Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионГрција преплавена од масовни протести

Грција преплавена од масовни протести

Грција денеска е преплавена од штрајкови и од протести. Илјадници Грци обединети под мотото „Дајте си оставка“ вечерва ќе излезат на протест пред парламентот во Атина и пред Белата кула во Солун.

Граѓаните кои ќе бидат дел од ова движење сметаат дека владата на Алексис Ципрас не успеала во нејзината работа и бараат да се повлечат и да распишат избори за Грција да се врати на вистинскиот пат како демократска европска држава.

Протестот го поддржуваат најголемите опозициски партии Нова Демократија, Пасок и Река, поради што околу самиот протест е создадена контроверзија и судир меѓу владата и опозицијата. Од грчката влада сметаат дека протестот е креација на Нова демократија за на секаков начин да се поткопа работата на коалициската влада на СИРИЗА и на Независни Грци. Судирот се разви до тој степен што министер од владата на Ципрас се закануваше дека ќе го забрани протестот.

Покрај овој повик за масовен собир, денеска штрајкуваат и вработените на солунското пристаниште и на пристаништето Пиреја. Овој штрајк трае веќе 20 дена, а вработените се бунтуваат против приватизацијата на пристаништата и бараат поголеми гаранции за нивните работни места при процесот на приватизација.

Против приватизацијата штрајкуваат и вработените во атинскиот јавен транспорт, поради што Атина ќе остане без јавен превоз од 21 часот вечерва. На улиците денеска ќе излезат и грчките професори незадоволни од новиот закон за пензиско и за здравствено осигурување.

Извор: МЕТА