Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаГраѓаните на своите мобилни телефони најмногу користат „вибер“ и „месинџер“

Граѓаните на своите мобилни телефони најмногу користат „вибер“ и „месинџер“

Бројот на корисниците на мобилна телефонија во Македонија годинава, за разлика од лани, бележи мал пораст и изнесува 95,2 проценти, се наведува во резултатите од испитувањето на јавното мислење за пазарот на електронски комуникации во Македонија, спроведено од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) на случаен репрезентативен примерок од 1.100 испитаници во периодот од 19 до 29 мај годинава.

Анкетата покажува дека бројот на припејд-корисници е намален на 28,8 проценти, а бројот на корисници на интернет на мобилен телефон преку мобилен оператор е во константен пораст од минатата година и сега изнесува 58,6 проценти.

Најголемиот дел од корисниците на интернет преку мобилен, 96,3 проценти, користат апликации за комуникации. Најкористена е „вибер“ со 92,2 проценти, по која следат „фејсбук месинџер“ со 84,4 отсто, „скајп“ со 43,5 проценти и „ватсап“ со 25,5 проценти.

Во анкетата, мнозинството од испитаниците кои не користат интернет преку мобилен телефон, односно 51,7 проценти, навеле дека немаат потреба од мобилен интернет, 37,4 проценти немаат соодветен телефонски апарат, а 23,8 проценти не знаат како да го користат.

Минатата година 3,5 проценти од корисниците на мобилна телефонија го промениле операторот.