Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГраѓаните бараа оставки од петте уставни судии – тоалетна хартија за Уставниот суд

Граѓаните бараа оставки од петте уставни судии – тоалетна хартија за Уставниот суд

Неколку стотици граѓани, со тоалетна хартија го обвија Уставниот суд. Со паролите „Нема правда, нема мир“ скандираа „Оставки“. Демонстрантите бараат оставки од петте уставните судии кои ја изгласаа иницијативата со која се разгледува можноста за зголемување на ингеренциите на претседателот со кои ќе може да помилува осуденици за изборен криминал.

Според нив, судиите кои работат по „диктатот на тефтерчето“, треба да се повлечат од своите функции или да работат во интерес на граѓаните. „Да му кажеме на ВМРО-ДПМНЕ и на тие пет члена на Уставниот суд дека го нанесоа најголемиот срам.“

„Доколку Законот за помилување од 2009 година се укине, се отвара простор за сите оние кои што ќе направат изборен криминал понатаму да бидат амнестирани од страна на претседателот. И Комисијата за помилување е утврдена токму со овој Закон од 2009, ако се укине овој закон, може да се случи да се укине и оваа Комисија. Тоа значи дека само претседателот ќе одлучува кој ќе биде помилуван. Тоа значи дека сите оние кои гласаа со фалсификат лични карти, кои носеа луѓе од Пустец, кои правеа изборен криминал и за тоа се подготвуваат и за следните избори, ќе има можност да бидат помилувани од страна на претседателот“, рече Уранија Пировска од Хелсиншки комитет за човекови права.

„Менуваат Устав небаре менуваат мени во некоја кафеана, менуваат за да спасат жива кожа, а главни спасители им се едни обични „тефтер судии“, судии кои се срам и арам за правдата и државата.“

„Овие судии во оваа зграда од Уставот направија обична тоалет хартија“, рекоа граѓаните.