Friday, Apr 19, 2024
HomeГИГА БАЈТПЦGoogle го „прегази“ Apple

Google го „прегази“ Apple

Според годишниот извештај објавен синоќа, Google го престигнал Apple и го истиснал од врвот на листата на највредните светски трговски марки, пренесува агенцијата DPA. Според податоците од студијата „BrandZ“ којашто ја изработила компанијата за истражување на пазарите „Millward Brown“, во која се наведени стоте најдобри и најскапи светски брендови, вредноста на Google е проценета на 229,2 милијарди американски долари, што е за 32 отсто повеќе отколку минатата 2015 година.

Истиот извор наведува дека Apple загубил 8 проценти од својата вредност, којашто сега изнесува 228,5 милијарди долари.

Меѓу првите пет светски брендови, исто така американски, се и Microsoft со 121,8 милијарди долари, телекомуникациската компанија AT&T којашто со 20-процентно зголемување на вредноста се зголемила на 107,4 милијарди долари, и социјалната мрежа Facebook која со раст од 44 проценти сега има вредност од 102,5 милијарди долари.

Аналитичарите и експертите за брендови, најголеми заслуги за растот на Google ги припишуваат на развојната стратегија заснована на иновациите, за компанијата да остане во чекор со времето. Во последно време, имено, Google најмногу вложувал во технологиите со коишто вештачката интелигенција се претвора во неизбежен дел од човековото секојдневие.

Стручњаците од компанијата „Millward Brown“ своите анализи ги темелат на финансиските податоци на компаниите, анкети меѓу потрошувачите и свои процени. Ова е веќе десеттата таква листа на оваа компанија, а во сличната студија којашто ја составила консултантската компанија „Interbrand“, Apple сé уште се наоѓа пред Google.