Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАGo Green во Париз се заложи за чиста енергија и еколошка свест

Go Green во Париз се заложи за чиста енергија и еколошка свест

Go Green, здружението за заштита на животната средина, беше единствениот претставник од балканските земји на младинската конференција за климатски промени (COY11) во Париз, а со свои претставници е присутно и на Самитот за климатски промени на Обединетите Нации (COP21) исто во Париз.

Младинската конференција, каде присуствуваа околу 5000 млади од 118 земји, претставува платформа на младите за подобро разбирање на процесот на преговори за климатските промени. На Самитот за климатски промени на Обединетите Нации (COP21), кој  во тек, претставниците на Go Green преговараат  со своите барања за правно обврзувачки договор. Go Green - Paris 2Генералниот младински секретар на ОН, Г-дин Ахмадад Алвендави (Ahmadad Alwendawi) ја отвори младинската конференција нагласувајќи ја улогата на младите: „Гласот на младите луѓе ќе биде слушнат. Јас ве повикувам да продолжите да се борите бидејќи е време да ве слушнат властите. Ние сме генерацијата која ќе ја заврши таа работа“. Конференцијата продолжи со „Декларацијата за човечките права“ каде беа презентирани принципите, правата и обврските кон човештвото. Основните принципи на декларацијата се интергенерациска одговорност, еднаквост и солидарност и таа ги потенцира правата за универзален и лесно достапен пристап до основните ресурси за живот.

За време на конференцијата беше потенциран и проблемот со мигрантите како резултат на климатските промени. 26 милиони луѓе годишно мигрираат во своите земји или во друга земја поради поплави, суши, пожари, торнада и останати последици од климатските промени. Најголемиот дел од нив се селат внатрешно во нивните земји со таканаречени „програми за преселба“ на нивните влади, но предизвикот се појавува кога доаѓа момент на меѓународни спогодби и програми за преку гранична миграција. Оваа тема ќе биде посебно адресирана на меѓународните средби за климатски промени во Париз. Дополнително, за време на тридневната младинска конференција беа адресирани и многу други теми преку работилници како „Поврзување помеѓу духовноста и животната средина”, „Промена преку уметност”, „Светло од отпад”.

Go Green - Paris - Antonio Jovanovski

Претставниците на Go Green, како единствени учесници од Балканот на COY11, беа интервјуирани од страна на National Geographic channel и од француските медиуми со цел адресирање на проблемите со кои се соочува балканскиот регион поради климатските промени. Исто така, претставници на иницијативата за проширување на Go Green во Хрватска се приклучија на настанот, па истовремено се одржаа и стратешки состаноци за развој на меѓународна младинска мрежа за заштита на животната средина.

Конференцијата за млади (COY11) беше организирана од страна на Меѓународното младинско движење за климатски промени (International Youth Climate Movement – IYCM), кое воедно е и најголемата меѓународна мрежа на млади вклучени во прашањата за климатски промени. Млади индивидуалци, национални и меѓународни организации и мрежи водеа проекти за подигнување на свеста и мобилизација со цел инспирирање што повеќе млади луѓе да се активираат во организирање активности и застапување за младинско учество на теми поврзани со адаптација и/или миграција поради климатските промени.

Go Green - Paris

Go Green се залага за енергетски систем со 100% обновлива енергија, заштедата на ресурси и енергетската ефикасност да е во суштина на документот, вклучување на младите и прилагодување на образовниот систем, децентрализација на енергетскиот систем како и човечките права и солидарноста да бидат јадрото на меѓународната соработка. На веб страната на Go Green и преку социјалните мрежи (#GG4CLIMATE) можете повеќе да се информирате за преговорите кои се одвиваат во склоп на UN самитот за климатски промени (COP21).

Активното учество на Go Green во меѓународниот процес за климатски промени е овозможено од проектот „Младите за пониски емисии на CO2“, поддржан од Амбасадата на Франција во Скопје и Програмата за децентрализирана соработка помеѓу Република Македонија и Долна Нормандија.