Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГлен Нај: Во 2001 година не спасував Американци од Арачиново

Глен Нај: Во 2001 година не спасував Американци од Арачиново

Во текот на летото 2001 година бев вмешан во спасувањето на 25 македонски Американци (американски граѓани со македонско потекло) кои беа заглавени во близина на селото Вратница од припадниците на ОНА, вели во изјавата на МКД.мк Глен Нај, актуелен член на Претставничкиот дом во САД, тогаш вработен во американската амбасада во Скопје.

На 19 март МКД.мк објави дека демократот Глен Нај е добитник на награда на честа на Стејт департментот за неговата улога во организирањето на извлекувањето на 26 Американци, воени лица, за време на настаните во Арачиново во јуни 2001 година.

Безмалку еден месец подоцна, Глен Нај на прашањето на МКД.мк за неговата улога во Арачиново одговори дека Македонците со американски пасоши биле заглавени од бунтовниците на ОНА, кои го направија нивното враќање во САД опасно.

„Јас тогаш работев со Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), заедно да организираме безбедно извлекување со автобус на американските граѓани со македонско потекло од опасното подрачје. Тие потоа од Скопје безбедно се вратија во САД. МКЦК исто така учествувше во безбедниот транспорт на групата (заедно со другите двајца македонски заложници кои не се граѓани на САД) во Скопје. Потоа преговарав за ослободување на уште едно лице заробено од ОНА во истата област. Јас никогаш не бев поврзан со настаните во селото Арачиново и покрај некои шпекулации во медиумите“, вели во изјавата за МКД.мк Глен Нај.

„Глен Нај беше вработен во Стејт департментот и во Агенцијата на САД за меѓународен развој во Косово, Македонија, Израел, Ирак и Авганистан. За време на конфликтот во Македонија во 2001 година тој ја организираше евакуацијата на бунтовниците Албанци, кои заедно со 26 американски воени лица беа заробени во селото Арачиново. Американските граѓани беа вработени во МПРИ (воена американска агенција) и спроведуваа обука и консултации за албанските бунтовници“, пишува во биографијата на членот на Претставничкиот дом Глен Нај на Википедија.

Летото во 2001 година кога македонската војска беше готова да го нападне селото Арачиново во кое имаше голем број на терористи, припадници на УЧК, наеднаш падна договор за 24 часовен прекин на какви било вооружени активности, по што дојде до евакуацијата на припадниците на УЧК од селото. Тогаш само се нагаѓаше дека заедно со терористите биле евакуирани и неколкумина американски граѓани, воени офицери обучувачи на униформираните лица на УЧК.