Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГинеколог 9 месеци лажел пациентка дека е бремена – сакал дури и царскиот рез да го одглуми

Гинеколог 9 месеци лажел пациентка дека е бремена – сакал дури и царскиот рез да го одглуми

Гинеколог од Скопје цели девет месеци ја манипулирал и лажел неговата пациентка дека е бремена иако во нејзиниот стомак не постоело никакво бебе. За време на лажната бременост, докторот правел гинеколошки прегледи, мерел грло на матка, вербално ја убедувал дека е бремена, ја терал да прима непотребни лекарства и терапии и правел гинеколошки скрининзи за детално да се прегледа плодот. На секој преглед и давал ехо снимки на кои се гледа плод, кои претходно ги имал спремено да и ги даде, и давал хормонална терапија за вештачки да се покажат параметри кои ќе ја убедат дека е бремена, и кажал дека носи машко дете и вршел детални прегледи каде во детали го опишувал плодот – открива Новатв.мк.

Пациентката која сака да остане анонимна од лични причини, а чие име е познато на редакцијата во НОВА ја донесе целокупната медицинска документација, ехо снимките од туѓи бебиња за кои лекарот и кажувал дека се од нејзиното бебе, како и тужбата против гинекологот. Против него се води истражна постапка за кривичните дела: Тешки дела против здравјето на луѓето, Измама и Фалсификување на исправа. Оваа жена која четири пати безуспешно се обидувала да остане бремена со нејзиниот сопруг му ја дале довербата на лекарот кој тогаш работел во една, а потоа во друга приватна болница. Од септември минатата година е примен на работа на Клиниката за гинекологија и акушерство.

„Имав неколку неуспешни бремености и кога добивме бесплатен ваучер од ФЗО за ин витро се случи монструозниот чин. Докторот Николче Дамчевски уште на почетокот ме убедуваше дека сум бремена иако крвавев, ми даваше хормоналана терапија и инјекции против коагулација на крвта, ме убедуваше дека во мојот стомак се развива живот. Бевме пресреќни со мојот сопруг иако бев бомбардирана со терапија. Купуваме облека, играчки, креветче, детска соба. На секое одење на преглед лекарот ги мереше димензиите на бебето, ми пушташе срцев ритам, ни даваше да ги гледаме сликите од ехо. Дури ни го кажа и полот, дека бебето е машко“, ја започна приказната оваа четириесет годишна жена.

Како се наближувал датумот на породување, гинекологот се повеќе го одложувал породувањето со образложение дека има се уште време до крајниот рок. Во еден момент предложил породувањето да биде направено во болницата во Прилеп, што нашата соговорничка децидно го одбила. Кога веќе не можело да се одлага, гинекологот го викнал нејзиниот сопруг и му соопштил дека неговата сопруга „дури тие мислеле дека била бремена, всушност не била бремена“.

Тогаш му кажал дека има три опции: Тој да ја породи со царски рез и да и каже дека бебето е мртво родено, да ја успие со анестезија во амбулантата, да и направи киретажа и повторно да и каже дека бебето било мртво или пак, сопругот да и соопшти дека не била бремена, воопшто.

Во шок од тоа што го слушнал сопругот ги одбил првите два предлози и отишол да ја земе својата сопруга од дома која чекала спремна со торба да оди на породување. Кога стигнала во ординацијата прво и дале инјекција која наводно се примала пред операција. Потоа, според кажување на нашата соговорничка, лекарот и рекол да седне бидејќи тоа што ќе и го соопшти може да ја вознемири. Тогаш и рекол дека „за цело време додека мислела дека е бремена всушност не била бремена“. И објаснил дека се работи за лажна бременост која наводно требало да ги подобри нејзините репродуктивни способности, дека имала спонтан абортус во шестата гестациска недела и дека јајниците и се за никаде. За нејзино добро тоа дотогаш не и го соопштил, а успеал нејзините репродуктивни органи да и ги врати на степен од пред 15 години, рекол лекарот.

Сосема различна дијагноза од Клиниката за гинекологија

По ова следувал голем шок и неверување, а жената веднаш заминала на преглед на Клиниката за гинекологија каде дежурниот лекар утврдил дека воопшто не била бремена и со неверување ја слушал нејзината приказна.

По ова, сопружниците ангажирале адвокат, а за случајот ги известиле Министерството за здравство и Лекарската комора. Нејзината адвокатка Ирена Фрчковска за НОВА изјави дека лекарот мора кривично да одговара и да му биде забрането да ја врши дејноста за да не наштети и на други пациентки.

„Овој лекар нема морален основ да врши лекарска дејност и треба кривично да се казни. Имаме граѓанска и социјална обврска да ја известиме јавноста, со цел да превенираме во иднина да не повтори вакво монструозно и нехумано дејствие на друга жена. Тој не смее да биде заштитен со вработување во државна Клиника за гинекологија, туку неговото кривично дело треба да и биде познато на целата јавност“, изјави за НОВА Фрчковска, адвокатка на оштетената.

Дамчевски вели дека не сторил ништо лошо

НОВА го побара и гинекологот Дамчевски кој во прв момент рече дека до завршување на постапката нема да зборува за случајот. Но, сепак донекаде даде објаснување.

„ Дадов изјава пред обвинителство и таму кажав се што имав. Се уште нема судски процес, не сум повикан никаде така што до завршување на постапката не сакам да разговарам за ова. Тоа што сум го направил сум го кажал таму каде што треба. Тврдам дека не сум загрозил ничиј живот, не дошло до губење на органи, не сум убил човек, не сум направил ништо лошо што ќе донесе непријатности понатаму во животот“, изјави Дамчевски за НОВА.

Тој потенцира дека досега не бил осудуван, дека не наштетил на ниту една пациентка, а вакви работи постојат за пациентки да се извлечат од дадена состојба. Не сакаше да каже дали тој имал други вакви случаи.

Марија Хаџи Лега, директорка на Клиниката за гинекологија каде што лекарот работи од септември минатата година, не одговори на телефонските повици и СМС пораките.

Во Министерството за здравство велат дека постапувањето во случаи кога постои сомневање за извршено кривично дело не е во надлежност на министерството, туку на судот и истражните органи.

„До донесување правосилна пресуда, се почитува начелото на презумпција на невиност. Докторот доставил уредна документација и ги исполнувал сите законски услови за преземање во јавно здравство“, се вели во одговорот на Министерството за здравство.

Лекарската комора која исто така писмено е известена за случајот до моментот на објавување на сторијата се уште не се изјасни за случајот.