Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГерманскиот претставник за Македонија Хајндл, повторно во Скопје

Германскиот претставник за Македонија Хајндл, повторно во Скопје

Германскиот посредник за решавање на политичката криза во Македонија, германскиот амбасадор во Австрија, Јоханес Ханјдл, в среда ќе допатува во Скопје, потврдија за „Мета“ од Амбасадата на Германија во Скопје.

Засега не се откриваат детали од посетата на Хајндл. Се шпекулира дека и заменикот државен секретар на САД, Викторија Нуланд, ќе ја посети Македонија, но во моментов нема потврда за нејзиното доаѓање. Во опција се два термина, 6 јули, што се совпаѓа со посетата на Хајндл, и 10 јули, односно по завршувањето на самитот на НАТО во Варшава.

Не се знае дали Хајндл ќе се обиде заедно со Нуланд да притисне за да ја деблокира политичката криза или, пак, само ќе го подготви теренот за американската дипломатка.

Еврокомесарот Јоханес Хан вчера во Брисел му повторил на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека македонските политички лидери веќе изгубиле премногу време и оти повеќе од итно е да се вратат на преговарачката маса и да го имплементираат Договорот од Пржино.

-„Треба да се создадат услови за веродостојни избори, да се развие владеењето на правото и сите страни да дадат поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство, како и да се имплементираат реформските приоритети“, соопшти портпаролката на еврокомесарот, Маја Коцијанчич, за „Мета“, по средбата меѓу Хан и Груевски.