Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАСветГерманија почнува војна со лажните вести – најавени казни и до 50 милиони евра

Германија почнува војна со лажните вести – најавени казни и до 50 милиони евра

Германската влада одобри казни кои се движат и до 50 милиони евра за социјалните мрежи што не реагираат и не ги отстрануваат спорните содржини, „лажните вести“ и говорот на омраза.

– Злосторствата од омраза против кои не се борат на ефикасен начин претставуваат голема опасност за отвореното, слободно и демократско општество – соопшти владата.

Како што јавуваат светските агенции, казните се предвидени за интернет-платформите како што е „Фејсбук“ и ќе се изрекуваат доколку таквите „веб-страници не реагираат доволно брзо и ефикасно на проблематичната содржина“.

Станува збор за законско решение со кое германските власти се обидуваат да ги „дисциплинираат“ компаниите што управуваат со социјалните мрежи и да ги принудат да ги применуваат германските закони кои се однесуваат на злосторство од омраза и на другите спорни прашања.

„Блумберг“ наведува дека новиот закон ги принудува компаниите да им дадат можност на корисниците да ги означат спорните содржини, но и на социјалните мрежи да ги бришат таквите содржини доколку се утврди дека станува збор за детска порнографија, поттикнување тероризам, злосторство од омраза или „лажни вести“.

– Тие што даваат услуги се одговорни кога нивните платформи се злоупотребуваат за промовирање злосторства од омраза и лажни вести. Целта е социјалните мрежи да ги спроведуваат постојните германски закони за нелегалната содржина и тоа брзо и ефикасно да се имплементираат – соопшти германскиот министер за правда, Хеико Мас.

Тој наведе дека е неопходно мрежите во борбата против злосторствата од омраза и лажните вести да се подигнат на европско ниво за да бидат поефикасни, особено зашто со ова прашање наскоро ќе се позанимава и Европската Унија.

Исто така, законските решенија предвидуваат и индивидуална одговорност, па директорите на компаниите ризикуваат казни и до пет милиони евра доколку не ги почитуваат мерките.

Законот сега треба да биде одобрен од Бундестагот.