Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГерберих: Тензиите со Србија се последица на национализмот и етничката поделба

Герберих: Тензиите со Србија се последица на национализмот и етничката поделба

Бројот 30 е поцврст, позаоблен и посилен од бројот 29, колку што НАТО има членки во овој момент, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на денешната конференција наречена „Македонија кон целосно членство во НАТО“, порачувајќи дека Македонија треба што поскоро да стане членка на Северноатлантската алијанса, јавува „Мета“.

Тој, како што пренесува „Мета“, истакна дека новата влада работи на отстранување на забелешките упатени од Самитот во Варшава, преку градење на добрососедски односи. Во контекст на тоа, Димитров рече дека Македонија ќе го зголеми на 20 отсто присуството во меѓународните мисии, а буџетот за одбраната од 1 процент ќе се зголеми на 1,7 до 1,8 отсто.

Димитров рече дека Македонија и регионот биле и се изложени на насилен екстремизам и радикализам, додека Балканот е првата одбранбена линија на Европа, поради што порача дека е потребно зајакнување на јужното крило на НАТО.

Американскиот амбасадор Џес Бејли рече дека во изминатата година се забележани промени на политички план и во Македонија и во регионот, но тоа што не е променето е фактот дека НАТО е јадрото на безбедноста, дека членките и партнерите на Алијансата остануваат посветени на одбраната, како и на стратегијата на Република Македонија за влез во НАТО.

Тој потсети на изјавата на заменик-претседателот на САД, Мајк Пенс, дадена во Подгорица, дека земјите од регионот треба да ја искористат шансата за влез во НАТО, но и да ги решат внатрешните проблеми и проблемите во регионот.

Бејли повторувајќи дека САД остануваат партнери на Македонија во процесот кон НАТО, потсети дека е потребен напредок во три области, односно спроведување на реформските приоритети и зајакнување на институциите, модернизација на армијата и одржување на добрососедски односи со земјите од регионот.

Германскиот амбасадор Томас Норберт Герберих рече дека минатонеделните тензии со Србија се уште еден показател за важноста да се работи напорно на градење добрососедски односи. Тој истакна дека целиот случај е производ на национализам и на етничка поделеност, кои се повторно во подем.

– Без разлика дали земјите ќе влезат во НАТО, особено е важно да се спроведат реформите за да може земјите да бидат конкурентни. Членството во НАТО е целта, а влезот во НАТО и во ЕУ е најдобриот начин да се стабилизира Македонија – рече Герберих.