Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГенералниот потсекретар на ОН Хелен Кларк во посета на Македонија

Генералниот потсекретар на ОН Хелен Кларк во посета на Македонија

Генералниот потсекретар на Обединетите нации и Администратор на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Хелен Кларк, која е во дводневна посета на Македонија вечерва ќе присуствува на премиерата на документарниот филм „Езеро од јаболка“.

Филмот во кој се зборува за резултатите од долгогодишните напори на УНДП и Општината Ресен за намалување на загадувањето на Преспанското Езеро, е финансиски поддржани од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Преспа е едно од најстарите езера на светот и место со особено богата биолошка разновидност. Повеќе од 2.000 видови птици, риби и цицачи, од кои голем дел единствени за Преспа, зависат од Езерото.

За екосистемот кој со векови издржувал бројни природни притисоци, последните децении беа особено драматични во однос на нарушувањето на квалитетот на водите и опаѓањето на популациите на автохтоните видови.

Според научните и стручните анализи, неодржливите земјоделски практики се една од главните причини за нарушувањето на природната рамнотежа. Преку 70 отсто од населението во регионот зависи од земјоделството, главно од производството на јаболка. Бројните земјоделски производители, без знаење, предизвикувале значителна штета со неконтролираната употреба на пестициди и вештачки ѓубрива, неефикасните методи за наводнување и внесувањето различни типови отпад во Езерото, вклучувајќи илјадници тони скапани јаболка.

Утре Кларк ќе го посети преспанскиот регион, во Ресен и Стење, а таму ќе се запознае со Програмата за заштита на Преспанското Езеро и ќе ги посети некои од најуспешните проекти спроведени од страна на УНДП во текот на изминатите години.

Администраторот на УНДП, Хелен Кларк предвидено е да оствари средба со претседателот Ѓорѓе Иванов и со премиерот Емил Димитриев.

Хелен Кларк е Администратор на УНДП од 17 април 2009 година и е прва жена на чело на оваа организација. Таа, исто така, е претседавач на Групата за развој на Обединетите нации, тело составено од раководителите на сите фондови, програми и оддели на ООН кои работат на прашањата од областа на развојот. Пред да биде именувана на оваа позиција, Хелен Кларк од 1999 до 2008 година била премиер на Нов Зеланд.