Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАСвет„Газпром“ доби „зелено светло“ за изградба на морскиот дел од „Турски поток“

„Газпром“ доби „зелено светло“ за изградба на морскиот дел од „Турски поток“

Рускиот енергетски гигант „Газпром“ преку дипломатски канали добил „зелено светло“ од турските власти за почеток на изградбата на морскиот дел од трасата на гасоводот „Турски поток“, јави ТАСС, повикувајќи се на извори во компанијата.

Во врска со ваквите информации, првиот човек на „Газпром“, Алексеј Милер изјави дека компанијата наишла на „оперативност и соработка“ од страна на турските партнери во првата етапа од реализација на проектот „Турски Поток“.

Идејата за изградба на „Турски поток“ дојде откако под притисок на ЕУ пропадна планот за реализација на гасоводот „Јужен поток“. Новиот план предвидуваше трасата од овој гасовод од рускиот брег преку Црното Море да завршува во Бугарија, додека со новиот проект „Турски поток“ гасоводот треба да оди до Турција.

Меѓутоа, реализацијата на проектот „Турски поток“ беше запрена по кризата во односите меѓу Анкара и Москва, предизвикана со уривањето на руски воен авион од страна на турските сили над сириската граница лани во ноември.

Со затоплување на однсите меѓу двете земји на почетокот на летово, еден од постигнатите договори предвидуваше и возобнова на проектот „Турски поток“.

Планот предвидува гасоводот да започнува на рускиот црноморски брег и преку дното на Црното Море да излегува во северозападна Турција, а од таму да продолжи до границата со Грција, а потоа и кон балканските земји.

Должината на морската траса од гасоводот изнесува околу 910 километри, додека копнениот дел низ турската територија треба да биде долг 180 километри. Гасоводот треба да има четири цевки, низ кои би минувале 15,75 милијарди кубни метри гас годишно.

Предвидено е изградбата на „Турски поток“ да чини 11,4 милијарди евра.

МИА