Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаГаревски: Може да очекуваме афтершокови, зградите би требало да се безбедни

Гаревски: Може да очекуваме афтершокови, зградите би требало да се безбедни

Директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Михаил Гаревски вели дека би можеле да очекуваме афтершокови ако ова бил главниот удар. Да се надеваме дека ова беше главниот удар, вели Михаил Гаревски, директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, во изјава за „ТВ Нова“.

Гаревски вели дека е необично што има голема разлика во магнитудата меѓу утринскиот земјотрес кој го погоди Скопје, и тој што се случи попладнево. Утринскиот, кој беше пред седум часот утринава беше со јачина од 3,9 степени по Рихтеровата скала, а попладневниот, кој се случи во 15 часот и десет минути беше со јачина од 5,3 степени по Рихтеровата скала.

– Ако е ова главниот удар, можеби ќе има афтершокови. После магнитуда од 5,3 степени може да дојде до уште некои тресења. Од магнитуда 5,3 до 3,9 има огромна разлика, скалата не е линеарна – рече Гаревски.

Тој вели дека на ваква магнитуда од 5 степени не би смеело да има оштетувања на главна конструкција на згради.
Според него, може да се одлепи малтер, да паднат плочки, да се срушат оџаци од цигли, но за главната конструкција при потрес со ваква јачина не би требало да им штети. Гаревски објаснува дека не може прецизно да се каже дали ќе следат или не нови потреси.