Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаФранција загрижена за политичката состојба во Македонија, досегашните преговори без резултат

Франција загрижена за политичката состојба во Македонија, досегашните преговори без резултат

Многу сме загрижени околу спроведувањето на договорот од Пржино, но веруваме во договорот и треба да дадеме шанса тој да се спроведе во целост.

-Со овие зборови француската амбасадорка во Македонија, Лоренс Оер, го пренесе ставот на Франција за состојбата во Македонија. Таа денеска во собранието имаше средба со пратеничката група за пријателство со францускиот Парламент. Амбасадорката Оер не кажа дали на Македонија и се заканува губење на препораката за членство во ЕУ, ниту дали препораката ќе биде условена, но најави дека наскоро ќе биде објавен новиот Извештај за напредокот, а како што веќе објавивме тоа се очекува да биде следниот четврток на 5-ти Ноември.

– Навистина сме загрижени во однос на спроведувањето на договорот од Пржино. Значителен напредок беше постигнат во минатото, не може да кажеме дека не може да се направи нешто повеќе затоа што работните групи мошне напорно работеа и успеаја да се договорат и за Изборниот законик и за специјалниот обвинител. Ние и понатаму веруваме во договорот од Пржино и дека треба да му се даде шанса целиот да биде спроведен, рече Оер.

Според Оер, одговорноста за имплементацијата на договорот од Пржино ја делат сите негови потписиници. Амбасадорката на Франција беше децидна дека македонското Собрание мора да ја одигра својата улога во однос на реализирањето на договорот од Пржино, особено во носењето на законите.

– Денес на овој состанок ќе разговараме отворено бидејќи политичката состојба е доста комплицирана и Собранието треба да ја одигра својата улога во спроведувањето на договорот од Пржино, но исто така и во спроведувањето на сите закони што треба да се донесат. Затоа парламентарната група за пријателство претставува дополнителна нишка која што ќе помогне да се излезе од политичката криза, изјави Оер.

Амбасадорката Оер во Собранието на пратениците кои се членови на групата за пријателство на македонскиот и францускиот Парламент им ја пренесе пораката од претседателот на француската парламентарна група за пријателство Филип Герард за посета на Париз.

– Групата за пријателство има многу што да понуди. Сакаме да работиме на попродлабочена соработка со француското Собрание, затоа што Франција може да даде дополнителна помош и поддршка, додаде Оер.

Средбата со пратениците беше од затворен тип за медиумите, а Оер своите ставови ги даде во изјава пред почетокот на средбата.

Како што се зборува во јавноста, без олеснувачот Ван Хауте, политичките актери од договорот деновиве неколку пати оствариле средба во Клубот на пратениците во Скопје. На средбите се правеле напори да се доближат ставовите за некои од прашањата кои не се толку спорни за реализација.

Преговори во ПржиноСепак, Македонија ја oчекува бурна полтичка недела. Ван Хауте, неофицијално, е на координативни средби во Брисел, со цел да добие насоки како понатаму. Како ќе се одвиваат настаните на вжештената политичка сцена ќе видиме до четврток, попознат како денот Д за европските перспективите на Македонија.


Н.С