Saturday, Apr 20, 2024
HomeИздвојувамеФото: Црква – теќе во Македонски Брод, свето место и за христијаните и за бектешите

Фото: Црква – теќе во Македонски Брод, свето место и за христијаните и за бектешите

На височинка од која се гледа цел град се наоѓа храм, свет за две религии. Црквата Св. Никола или Хадер баба теќе ги сплотува верниците од двете вери. Православните христијани веруваат дека тука се наоѓа гробот на некој старец со бела брада кој ги спасил жителите на село Грмада од чумата која тогаш косела на овие простори. Муслиманите пак, веруваат дека овде е гробот на светецот од бекташкиот ред на Исламот, Хадер Баба.

crkva2Овој храм е изграден прво како црква во 14 век од кралот Урош трети, но бил уништен за време на отоманската инвазија. Легендата која се раскажува меѓу локалното население е дека црквата повторно била изградена во 18 век од муслиманскиот бег Асан, кој на тој начин сакал да ја отстрани клетвата од сарајот што го градел преку ден, а ноќе се уривал. Денеска, во турбето се собираат верниците од двете вери кои ги негуваат соживотот и традицијата.

crkva6Во внатрешноста на храмот, можат да се видат и христијански и бектешки симболи. Тука е сликата на основачот на бектешизмот Хаџи, исламскиот светец Али, слика на 12 имами, икони на Исус Христос, на Пресвета Богородица, свети Никола и други христијански светци. На подот е послан тепих со исламски орнаменти на кој се поклонуваат бектешите и другите исламски верници, а покрај гробот има и шишиња зејтин и крпи, што како подарок ги оставаат православните христијани. На гробот или како што исламски се нарекува мезарот има бројаници за кои се верува дека имаат исцелителна моќ, а од страните на гробот верниците палат свеќи.

crkva9За Велигден се изведуваат уникатни обичаи кои не можат да се видат на ниту едно друго место.
Трагата од православните обичаи се гледа на големиот стар даб израснат пред храмот, на чија кора се издлабени дваесетина крстови. Секоја година се прави нов крст. Обичајот е наречен трето заклинување на Исус Христос и се прави на вториот ден од Велигден. Со секира се зарезува крст долг триесетина сантиметри и во чиј средишен дел со сврдло се прави дупка, во која потоа се ставаат леб и вино, симболи на Христовите тело и крв. Потоа, тројца мажи ја запечатуват дупката со дрвен клин.

Велигденски обичај е и правењето кули. Петмина мажи се качуваат на рамењата на петмина други, по што сите заедно како своевидна кула ги обиколуваат значајните места на ова подрачје, минувајќи 500-600 метри. Мажите во долниот ред ги симболизираат турските владетели кои во минатото го управувале ова место, а петтемината во горниот ред го симболизираат македонски народ, кој се кренал на востание и ги победил освојувачите. Обичајот кули секоја година се прави како симбол на победа.

crkva1

crkva4

crkva5

crkva8

crkva10

Не е дозволено преземање на оваа содржина без согласност од редакцијата на Позитив.мк, освен со линк до конкретната страница.