Saturday, Apr 20, 2024
HomeСТУДЕНТУМФондацијата „Трајче Муакетов“ додели 40 стипендии за најдобрите студенти

Фондацијата „Трајче Муакетов“ додели 40 стипендии за најдобрите студенти

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ годинава додели 40 нови стипендии на најдобрите студенти. Стипендирани се 20 студенти од Фармацевтскиот факултет и 20 студенти од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје. Стипендијата изнесува 6.500 денари и се доделува 12 месеци.

– Фондацијата и годинава продолжува со она што веќе непрекинато го прави од 2007/2008 година. Доделуваме 40 стипендии на најдобрите студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, рече денеска на прес-конференција претседателот на Фондацијата и генерален директор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов.

Заклучно со овие 40 стипендии, посочи Мукаетов, досега Фондацијата „Трајче Мукаетов“ стипендираше 344 студенти по фармација и по медицина, од кои 124 студенти по фармација и 92 студенти по медицина веќе дипломирале.

Продеканот на Фармацевтскиот факултет Зоран Стерјев рече дека стипендиите претставуваат многу важен таргет за сите нивни студенти во текот на нивното студирање и не се значајни само за оние 20 студенти годишно кои ги добиваат, туку значајни се и за останатите кои препознале во овие стипендии дека до нив можат да стигнат исклучиво со квалитет во нивното студирање, со знаење, со добри оцени и максимално се трудат за тоа.

Деканот на Медицинскиот факултет-Скопје, Никола Јанкуловски рече дека вложувањето во поквалитетни кадри во нашето здравство претставува многу важен столб во здравствениот систем со цел поголем благодет и добробит на граѓаните на Република Македонија.

Живко Мукаетов истакна дека од 2009/2010 година Фондацијата доделува еднократна награда за најдобрите студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет, т.е. за првенците на генерација и таа традиција продолжува.

– Оваа година еднократна парична награда од 1.200 евра во денарска противвредност ќе добијат Надица Сибиновска од Фармацевтскиот факултет со просек 9,90 и Харис Бабачиќ од Медицинскиот факултет со просек 10,00. Овогодишните првенци на генерација се и досегашни стипендисти на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, што е уште еден доказ дека комисиите кои работеле при изборот на стипендистите го донеле вистинскиот избор, додаде Живко Мукаетов.