HomeДЕНЕШНАЕкономијаФирми без вработени и фирми од „бомбите“ високо на листата „200 најголеми и најуспешни компании“

Фирми без вработени и фирми од „бомбите“ високо на листата „200 најголеми и најуспешни компании“

200-najgolemi-i-najuspesni

Компанија со нула вработени повторно високо на листата 200 најуспешни компании. „Камени мост Комуникации“ – фирмата ќерка на Маѓар телеком со нула вработени има неоданочена добивка од 32,3 милиони евра. Во 2013 била и лидер на листата. Основното јавно обвинителство започна истрага, а внатрешна истрага најави и Маѓар Телеком со надворешни консултанти.

Помеѓу 200 најголеми и најуспешни компании се наоѓаат и странски инвестиции кои добиваат големи државни субвенци, како и компании кои добиле голем број тендери. Имињата на нивните сопственици се најдоа во прислушкуваните разговори кои ги објави опозициската СДСМ и за кои тврди дека местеле тендери.

Џонсон Мети, британската инвестиција, повеќе од две години е лидер на листите со Добивка пред оданочување од 91,3 милиони евра и раст од 63 %. Според истражувањето на центарот за економски анализи, Џонсон Мети е една од компаниите која земала најголеми субвенции. Џонсон Мети земал и до максимални 46.674 евра по вработување.

И белгискиот производител на автобуси, Ван Хул е високо рангиран на листите, со неоданочена добивка од 6,5 милиони евра и раст од 95,39%. Сопственикот на фабриката, Филип Ван Хул за белгиски весник изјавил дека ја спасил компанијата благодарение на фабриката во Скопје. Исто така, рекол дека во таа фабрика биле инвестирале вкупно 30 милиони евра, но 17 милиони евра биле субвенција од Владата на Република Македонија. Ван Хул објаснува дека за плати во државава, издвојува 10 пати помалку отколку во Белгија, бидејќи овде плаќа 4 долари од час, додека во Холандија треба да издвојува 40 евра од час за еден вработен.
ekonomija-pari
На листите има и фирми кои во изминатиот период земале голем број државни тендери, а чии сопственици се најдоа на бомбите на СДСМ. Претпријатието Пелистер на Силјан Мицевски и Претпријатието Трансмет на бизнисменот Сеат Кочан, според СДСМ, местеле тендери, а тоа се слуша од разговорите помеѓу бизнисмените и функционери на власта.

Пелистер на Силјан Мицевски има неоданочена добивка од 5,35 милиони евра и раст од 149,66 %. Според центарот за граѓански комуникации, Пелистер и Елем имаат склучено дел од најголемите тендери за јавни набавки во последниве 5 години вредни околу 100 милиони евра.

Претпријатието Трансмет на бизнисменот, Сеат Кочан има неоданочена добивката од 5,19 милиони евра и раст од 115,48 %. И оваа компанија е позната по многубројните милионски тендери од повеќе скопски општини и од владини институции. Трансмет добил тендери и за фонтаната прскалка на плоштад, барокни фасади, патишта и општинската зграда на Ѓорче Петров. Трансмет се најде и во истрагата ТНТ која ја отвори специјалното јавно обвинителство. „За рушњето на Космос со експлозив не е спроведена законска јавна набавка и ангажирана е директно компанијата „Трансмет“ при што е нанесена материјална штета на општина Гази Баба“ – рекоа од СЈО кога ја презентираа истрагата.

Инаку, што се однесува на субвенциите, дел од македонските компании се изјаснија дека се чувствуваат дискриминирани во однос на странските инвеститори, бидејќи тие добиваат огромни субвенции и уживаат поголеми бенефиции во однс на даночните олеснувања. Дел од економските експери пак, во своите анализи ја покренаа дилемата: дали странските директни инвестиции ќе станат поголем трошок за Македонија отколку финансиски бенефит.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com