Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаФирмата ќерка на МПМ објави оглас за вработување на 55 новинари

Фирмата ќерка на МПМ објави оглас за вработување на 55 новинари

Фирмата „Медиа принт Дооел“ од семејството на МПМ што беше отворена во крајот на февруари оваа година бара да вработи 55 новинари. Ангажманот е на определено работно време од шест месеци, а платата е 20 илјади денари.

Кога се отвори оваа фирма како сопственик и управител беше назначен Александар Динев, вработен во компанијата „Медиа Принт Македонија“. Приоритетна дејност на оваа новоотворена компанија е печатење весници, а се отвори со влог од 5.000 евра.

Како што јавува „Нова ТВ“, Новинарите вработени во „Вест“ и „Утрински“ и „Дневник“ стравуваат дека весниците ќе згаснат, а фирмата „Графички Центар“ во која досега беа вработени ќе оди под стечај и дека ќе треба да конкурираат на новиот оглас, но јасно им е дека новинарскиот кадар ќе се редуцира бидејќи во компанијата под капа на МПМ работат околу стотина новинари.

Новинарите не се информирани што се случува во компанијата иако претпоставуваат дека „Графички Центар“ ќе оди под стечај, а дел од медиумите ќе згаснат.

Лошата финансиска состојба во овие медиуми трае со години, а пред нова година новинарите излегоа на штрајк поради неисплатени плати.

Александар Динев денеска не е достапен за коментар да објасни што се случува во компанијата.